Ги повикувам граѓаните на протест денеска и утре уште помасовно, Ковачевски да го отфрли предлогот или да се тргнат точките од Годишните извештаи каде што се повикува на Протоколот, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Како што вели тој, утре ќе биде владината седница и поради тоа како што вели ја повикува цела Македонија да дојде пред Владата на протест.

-Јас уште вчера кажав, понудив се повлекуваме и од предвремени избори, се повлекуваме од се, ќе помогнеме нека помине зимата, граѓаните да можат мирно да поминат, заеднички ќе се обединиме. Не му бараме ништо, само нека каже не. На пролет март, април пак ќе седнеме, ќе реавулираме состојбата ќе видиме што понатаму.

Тоа беше едната понуда. Втората јас му реков, еве од преговарачката рамка ако сте толку сигурни дека сте го заштитиле идентитетот да ги тргнеме точките каде што се повикува на Годишните извештаи, каде што се повикува на Протоколот од втората меѓувладина и каде што во записникот од втората меѓувладина која што ќе ја има нашата влада условно со ЕУ се трга делот каде што стои дека преговорите започнуваат веднаш после измената на Уставот.

Тоа е многу важно. Ние нема да почнеме сега преговори, тоа мора граѓаните да го знаат. Албанија ќе почне, не ние. Ние ќе треба да го смениме Уставот. Ние ова го потпишуваме за Албанија да почне преговори, не Македонија. Тоа треба секој еден граѓанин на Македонија да го знае. Немам ништо против Албанците, нека си почнат, ако ЕК оценила дека местото на Еди Рама е таму, а местото на Македонија не е таму, тоа е одлука на ЕК, јас тука не се мешам. Ако е одлука на ЕК, Македонија 22 години да чека, а Еди Рама да биде таму и дека тој споделува европски вредности, а не јас и овие луѓе тука, тогаш тоа е нејзина одлука.

Но, треба народот во Македонија да знае дека ние со ова не почнуваме преговори, Еди Рама и Албанија почнуваат, не ние. Тоа треба на сите да им е јасно, на цела Македонија да и е јасно, вели Мицкоски.

Од новинарите беше запрашан дека со оглед на тоа дека повторно излегуваат на протести, дали очекува власта да ги слушне нивните барања.

-Ако има малце разум кај Ковачевски и останатите, треба да го слушнат тоа што народот го зборува затоа што тие повеќе не се грижат за иднината на овој народ и на државата отколку самиот народ за својата иднина и за Македонија. Мислам дека овие десетици илјади кои што излегуваат секој ден овде пред платото на владата се тие коишто можеби за прв пат во овој период од годината громогласно му упатуваат порака и на Ковачевски и на останатите таму во владата дека ова што го прават е погрешно и дека тие не се согласуваат со тоа. Иако морам да признаат дека информациите се спротивни и дека она кое што јас го имам како информација е дека најверојатно во текот на утрешниот ден на владина седница ќе помине позитивното да на Бујар Османи со што формално ќе се потпише протоколот од втората меѓувладина седница на владите на Македонија и Бугарија и со тоа формално практично владата се согласува на записникот од првата меѓувладина но и понатаму откако ќе се создадат условите да ја прифати преговарачката рамка во која се наоѓаат и се содржани и историјата и образованието и културата. Така што, очекувам барем малку разум до утре да се предомислат и да го слушнат ова громогласно не, на тоа што го прават во овој момент со македонскиот идентитет, вели Мицкоски.