Уверена сум дека иднината на Западен Балкан е во обединета Европа, порачала денеска германската канцеларка Ангела Меркел по повод претстојниот виртуелен Самит на Берлинскиот процес, закажан за понеделник, а чиј домаќин е Германија.

Меркел во видео пораката истакнала дека ја радува, иако тоа ќе биде само виртуелен состанок, што ќе може да продолжи да работи со шефовите на државите и владите на земјите од Западен Балкан.

Истакнала дека од воспоставувањето на Берлинскиот процес, кој има за цел пружање на конкретен придонес во стабилноста на регионот и мирниот дијалог, постигнати се многу работи.

“Западен Балкан е непосреден сосед на ЕУ. Тоа е дел од Европа, во кој раните од војните се уште не се заздравени, а и во Германија живеат голем број на граѓани од тие простори. Мене ми е јасно дека државите на ЕУ мора да имаат интерес за мирен развој на Западен Балкан. Имаме одговорност практично да се посветиме на развојот на тој дел од Европа”, нагласила Меркел.

Рекла дека Берлинскиот процес остварил веќе некои успеси, а посебно го издвоила неодамна основаниот Младински форум.

Нагласила дека сега конечно е можно тоа што се сметало за невозможно, а тоа е размена на ученици од разна верска и етничка припадност.

“Сето тоа ги води земјите од Западен Балкан напред кон заедничката цел за исполнување на условите за членство во ЕУ. Уверена сум дека, порано или подоцна, нивната иднина ќе биде во обединета Европа”, нагласила таа.

Истакнала дека има уште многу предизвици на Западен Балкан, дека недовербата и национализмот не исчезнале, а билатералните спорови можат во секој момент да се разгорат, поради што е неопходно помирување.

Тоа, вели, значи совладување на минатото и правење се што е можно во иднина генерациите да живеат во мир.