Само вчера, кога започна примената на третата доза вакцина против ковид, кај нас, имунизирани се 69 граѓани. Министерството за здравство соопшти дека третата доза треба да биде само Фајзер, без оглед на тоа какви вакцини претходно примиле граѓаните, но лекарите не се согласуваат со тоа. Не е добро да се комбинираат вакцините, односно да се земе третата доза „Фајзер“, доколку претходно биле користени две дози од друг производител, вели Злате Мехмедовиќ, претседател на Здружението на медицина на трудот.

Мехмедовиќ за ТВ21 изјави дека не се знаат здравствените последици кои можат да следат од комбинирање на вакцини бидејќи, како што рече, студијата се уште не е завршена. Затоа, Мехмедовиќ вели дека вакцинираните со друга вакцина која не е Фајзер, треба да ги чекаат резултатите од студијата и да не брзаат за имунизација со третата доза.

Третата доза вакцина не е услов за патување, за посета на какви било културни, спортски и други настани, ниту пак за влез во институции и угостителски објекти Во Македонија од вчера почна вакцинацијата со трета доза против ковид-19, а се препорачува да ја примат постарите од 60 години. Покрај нив, со трета доза ќе се вакцинираат и здравствените работници, без разлика на возраста како и лицата со имунолошки болести.