Германското претседателство и Европскиот парламент синоќа постигнаа прелиминарен договор за Механизмот за закрепнување и отпорност на кој отпаѓа најголем дел од инструментот за закрепнување на Европската Унија (ЕУ) на наредната генерација.
Механизмот за закрепнување и отпорност ќе има на располагање 672,5 милијарди евра од кои 312,5 милијарди се неповратни, а 360 милијарди се заеми.
Инструментот на ЕУ за следната генерација има вкупно 750 милијарди евра. Најголем дел од оваа сума ќе се исплати преку Механизмот за закрепнување и отпорност (672,5 милијарди евра), а останатите 77,5 милијарди евра се наменети за програмите Помош за обнова на кохезија и европските области – РЕАКТ-ЕУ, Зајакнати програми за рурален развој, Зајакнат механизам за фер транзиција.
Според прелиминарниот договор кој сега треба да го потврдат и Советот и Парламентот, најмалку 37 проценти од средствата што се достапни преку Механизмот за закрепнување и отпорност мора да бидат наменети за зелени проекти, а најмалку 20 проценти за дигитална трансформација.
Одобрувањето на средствата ќе биде поврзано со препораките кои Комисијата ги упатува до секоја земја-членка во рамките на Европскиот семестар и во кои се идентификуваат клучните предизвици за секоја членка.