Водителката на „Си-Би-Ес“ и блиска пријателка на Опра Винфри, Гејл Кинг, утрово во емисијата „This Morning“ откри дека минатиот викенд принцот Хари разговарал со неговиот татко, принцот Чарлс и неговиот брат, принцот Вилијам.
Како што откри Гејл Кинг, принцот Хари и Меган Маркл ѝ рекле сè – телефонскиот разговор не бил многу продуктивен, како и дека тие се надевале дека кралското семејство ќе интервенира и ќе им на каже на медиумите да престанат да пласираат лажни приказни со расистички примеси.
И покрај нејзината изјава, Кинг не потврди ништо со конкретен пример и не откри точно на какви приказни се однесува. Оваа медиумска изјава од презентерката на „Си-Би-Ес“ се случи на истиот ден кога принцот Филип по четири недели поминати во болница беше пуштен на домашно лекување.
„Не сакам да давам ексклузиви, но вистина е дека се слушнав со нив за да дознаам како се чувствуваат и тогаш ми открија дека Хари разговарал со неговиот брат, но исто така и со неговиот татко. Ми рекоа дека разговорот воопшто не бил продуктивен, но од друга страна тие се задоволни што воопшто започнале да разговараат. За жал, никој од кралското семејство сè уште не стапил во контакт со Меган и мислам дека е многу фрустрирачко што продолжува да се зборува за расистички испади кога единственото нешто што навистина го сакаа е кралското семејство да интервенира со цел да се спречи пласирањето на овие лажни приказни од страна на медиумите“, истакна Кинг.