Сакаме документ со јасно исцртани обврски за Северна Македонија и Бугарија, за да немаме нови барања кога сегашните ќе се решат, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Во синоќешното интервју за „360 степени“, Маричиќ напомена дека Владата останува посветена на разговорите со Бугарија и на изнаоѓање решение за подигнување на ветото, повторувајќи го притоа ставот за Уставот.
-За промената на Уставот јасно кажавме дека содржински немаме проблем која било заедница да е вградена во Уставот, но сметаме дека пред почетокот на преговорите со ЕУ тоа не е ни корисно, а ни возможно. Не сметаме дека менувањето на Уставот треба да е предуслов за почеток на преговорите, бидејќи за тоа ни треба повеќе време и градење доверба, истакна вицепремиерот.
За спорот со Бугарија, нагласи уште еднаш, ќе се бара европско решение, базирано на европски вредности, без врзување за временски рамки и датуми.
– Временски рамки и датуми не носат никаков успех. Сепак, тоа не значи дека имаме бескрајно трпение за разговори. Што повеќе чекаме, тоа помалку ќе има решителност и енергија за решавање. Наша водилка во преговорите е Резолуцијата усвоена од Собранието, за која гласаа сите партии и ниту едно решение нема да биде надвор од тој документ, рече Маричиќ.