Власите се составен дел од нашето мултиетничкото општество, со значаен општествен и културен придонес во современата македонска држава и се составен дел од минатото, сегашноста и иднината на Република Северна Македонија, изјави вечерва вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на Свечената академија во чест на Националниот ден на Власите – 23 Мај.

– Ми претставува особена чест што вечерва, на овој голем празник, имам прилика да сум дел од оваа „Вечер на влашки збор и влашка песна“ и заедно да чествуваме, оддавајќи почит кон една од најавтентичните култури кои живееле на овие простори и кон нивниот вековен стремеж за зачувување и промовирање на својот јазик, култура и традиција, истакна Маричиќ, упатувајќи честитка во име на Владата и во негово лично име по повод Националниот ден на Власите.

Според вицепремиерот Маричиќ, културната различност е нашето најсилно оружје со кое со децении се штитиме од ретроградните идеи, а Северна Македонија е земја која отсекогаш била симбол на различностите и еден од најдобрите примери за негување на културната различност, градењето на социјална кохезија и мултикултурализам во „Едно општество за сите“.

– Припадниците на помалите етнички заедници како културната различност се нашата силна страна со која можеме да градиме здрава политика и општество, со примена на цивилизациските вредности, заедничко дружење, разбирање, прифаќање и што е најважно, меѓусебно соработувајќи за различни прашања, секој да даде свој придонес за благосостојба и за просперитет на нашата заедничка татковина, истакна Маричиќ.

На Власите вицепремиерот Маричиќ им порача да го чуваат својот јазик, културен идентитет и наследство, кои се нераскинлив дел од македонскиот мултиетнички мозаик и да останат посветени како и досега на својата држава и на својата заедница, бидејќи благосостојбата и просперитетот на нашиот заеднички дом зависи од сите нас.

На крајот Маричиќ упати честитка и од име на премиерот Димитар Ковачевски изразувајќи уверување дека „заедно, обединети ќе продолжат да градат едно општество за сите и да работат во интерес на граѓаните и државата, градејќи ја иднината на нашите поколенија“.