Северна Македонија вчера доби позитивен годишен извештај на ЕК за 2022 година. После направениот преглед и анализа од Секретаријатот за европски прашања, ме радува што можам да кажам дека имаме одржливи реформи, препознаен напредок и ни претстојат нови можности, вака вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ го започна својот говор на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир по повод добиениот извештај од Европската комисија.

Вицепремиерот информира дека Северна Македонија најдобро стои во регионот во кластерот Фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но исто така и во кластерот Ресурси, земјоделство и кохезија.

‘Имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата што треба да биде поттик повеќе за сите нас од денес до наредниот извештај на ЕК. Северна Македонија беше прва од регионот која се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија на Украина, со постигнување на 100-процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Овој чекор покажува дека земјата е кредибилен партнер на Унијата, посочи Маричиќ.