Земјава може да смета на политичка, економска и развојна поддршка од Обединетото Кралство во унапредување на реформите, рече денеска новоименуваниот британски амбасадор Метју Лосон на средбата со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

На средбата стана збор за процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ и за унапредувањето на соработката меѓу двете земји.

Вицепремиерот Маричиќ го информираше амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за одвивањето на скрининг процесот и ги истакна напорите што Северна Македонија ќе продолжи да ги вложува во сеопфатниот процес на реформи во општеството, што е исто така важно за забрзување на евроинтеграциите и динамиката на отворање и затворање на кластерите и поглавјата, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања (СЕП).

– Поддршката од Обединетото Кралство за развојна соработка со нашата земја се зголемија во 2018 година, како позитивна реакција на забрзаните реформски процеси кои ги правиме. Имаме успешна соработка на 3 твининг проекти предводени од партнерите на Велика Британија во областа на полициските реформи и кривичното правосудство, контрола на државната помош и унапредување на еднаквоста, рече Маричиќ на состанокот.

Амбасадорот Лосон го поздрави почетокот на преговорите и активниот пристап на Владата на Северна Македонија во првата фаза на пристапниот процес.

-Од страна на Лосон беше потенцирано дека можеме да сметаме на политичка, економска и развојна поддршка од Обединетото Кралство, во унапредување на реформите, како наш клучен партнер, наведуваат од СЕП.

На средбата беше разговарано и за актуелните случувања и предизвици со војната во Украина, одржливото снабдување со енергија и храна, при што беше изразен и заемен интерес за зајакнување на билатералните економски и политички односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Вицепремиерот Маричиќ го информираше Лосон и за регионалните иницијативи во кои учествува нашата земја, истакнувајќи дека Владата е целосно фокусирана на политиката на соработка како една од основите за севкупниот напредок на регионот.

– Целта е од регионалната соработка да имаме поголем придонес во процесот на пристапување во ЕУ и преку Берлинскиот процес и преку иницијативата „Отворен Балкан“. На овие иницијативи гледаме како алатка за понатамошно забрзување на интеграцијата во регионот и граѓаните да имаат корист и економски придобивки, а не како замена на членството во Унијата, потенцираше Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ на новиот амбасадор му посака успех во работата и продолжување на добрата соработка како и досега.