Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и директорката на Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Комисија, Михаела Матуела денеска во Скопје го одржаа првиот Комитет за следење на ИПА, од почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Како што објави Маричиќ на Фејсбук, ефикасното програмирање на проекти во оваа фаза од преговорите ќе биде клучно за напредокот во реформите, но и важно за областите на транспорт и енергетика.

– ИПА програмата е конкретна поддршка за продолжување на клучните реформски активности. Од тоа ќе зависи динамиката на процесот на преговори, но е и од големо значење за нашите граѓани, за регионот, како и за самата ЕУ, бидејќи на овој начин придонесуваме за наше посилно поврзување, побрзо интегрирање и напредок, наведе Маричиќ во објавата.

Потенцирајќи дека ЕУ е најголемиот донатор и инвеститор во земјава, вицепремиерот Маричиќ нагласува дека планирањето на претпристапната помош на национално ниво треба дополнително да ја зајакне реформата на јавната администрација, решавањето на прашањата поврзани со заштита на животната средина, да ги подобри услови за владеење на правото, слободата на изразување и социјалната вклученост.