Добро е што скринингот тече по планираната динамика и дава добри резултати, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Канал 5 телевизија.Според него, скринингот е длабинска анализа на нашето законодавство којашто ни дава појасна слика каде сме и што треба да направиме.

-Скринингот треба да заврши до ноември, кога треба отприлика да завршат и уставните измени, по што ќе се одржи Втората меѓувладина конференција за отворање на кластерот 1 од преговорите, кажа Маричиќ.

Тој кажа дека Владата ќе искористи неколку дена за консултација за нацрт-амандманите за промена на Уставот, кои покрај консултации со институциите, ќе се искористат и за средба Ковачевски-Мицкоски, по што во наредните десетина денови Маричиќ очекува да започне собраниската процедура.

-Наше е како одговорна Влада да пружиме рака. Мицкоски беше поканет да учествува во работната група, но тие не испратија претставник. ВМРО-ДПМНЕ реши да се исклучи од процесот, но би прашал што е проблемот да се вклучат уште неколку заедници во Уставот. Не зборуваме за бугаризација, бинационална држава, промена на јазикот и идентитетот. Предлогот е да се дополнат уште неколку заедници. Ако е тоа причината за блокада на Мицкоски кон ЕУ тие треба да дадат одговори, кажа Маричиќ.