Со успешното завршување на скрининг процесот, до крајот на месецов до ЕУ ќе треба да ги доставиме клучните документи за отворање на преговорите по првиот кластер, по што тоа ќе останат само уставните измени како единствен услов за продолжување на преговарачкиот процес за членство на земјата во Европската Унија, порача вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за МИА на крајот на неговата работна посета на Брисел за време на која присуствуваше на последните билатерални состаноци со кои беше затворен скринингот на земјава со Европската комисија.

– Она што можеме де го кажеме е дека од овој скрининг процес ние веќе имаме и конкретни резултати и плодови. Впрочем и Европската комисија во својот извештај го оцени како многу успешен овој скрининг процес. Тоа треба да ни биде модел за тоа како понатаму треба да се движиме во преговорите и одговор на прашањето дали имаме капацитети за преговори, кое што е многу пати поставувано. Да, имаме и скрининг процесот тоа го покажа, истакна Маричиќ.

Според него, иако на почетокот скринингот беше оспоруван како неважен и технички и дека не значи отворање на преговорите, денес гледаме дека завршуваме една почетна воведна фаза од преговарачкиот процес за членство.

Тој посочи дека пред десетина дена земјава доби покана од шпанското претседателство на Европската Унија за да ги достави патоказите за владеењето на правото, реформите во јавната администрација и функционирањето на демократските институции и Акцискиот план за заштитата на припадниците на немнозинските заедници, кои се до крајот на овој месец да бидат испратени до ЕУ.

– Веќе наредната недела, в понеделник, ќе имаме можност во Собранието на заедничка седница на Националниот совет за европски интеграции и на Комисијата за европски прашања да ги разгледуваме Нацрт-патоказите и Нацрт-планот за раст и тоа ќе ни овозможи за неколку дена да ги завршиме консултациите со граѓанското општество, академската заедница, со стопанските комори и на тој начин врз основа на тие консултации ќе дополниме или одземеме нешто ако треба од овие патокази, но како и да биде до крајот на овој месец ќе ги имаме тие документи и така ќе го ја заклучиме оваа прва фаза, овој прв воведен дел од преговорите и ќе направиме се она што треба да се направи без уставни измени. После тоа ќе останат и остануваат само уставните измени како единствен услов за отворање на првиот кластер и за продолжување на преговорите, посочи Маричиќ.

Вицепремиерот истакна дека од Самитот на ЕУ следната недела очекува позитивни сигнали за признание за она што сме го направивме со скринингот, поддршка за натамошните реформи и потврда дека перспективата за членство во Унија во брз рок е возможна и реална, но не можеме да очекуваме зелено светло за свикување на наредната Меѓувладина конференција и отворање на преговорите по првиот кластер кога знаеме дека немаме исполнето еден од условите за тоа – усвојување на уставните измени.

– Затоа треба отворено да разговараме каде се нашите проблеми и каде лежи блокадата. Денес и покрај тоа што морам да оддадам признание за конструктивноста во делот на патоказите и учеството на опозицијата во дискусијата за патоказите што е закажана за понеделник, сепак тоа не може да го надомести фактот дека моменталната блокада на уставните измени и блокадата на нашите евроинтеграции има име и презиме. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Од таа одговорност нема да можат да се ослободат колегите од ВМРО-ДПМНЕ, колку и да сакаат, вели Маричиќ.

Тој потсети дека покрај напорите на Владата и голем број светски лидери од пријателски држави, кои ни мислат добро, не работат против интересите на Северна Македонија и секогаш биле на наша страна, ни кажуваат дека ова е добро за нас и дека треба да го направиме. Вицепремиерот нагласи дека е сигурен оти мнозинството граѓани се убедени дека уставните измени не се таква отстапка, која што ќе наруши што било кај нас, туку само ќе го зајакне концептот на успешна мултиетничка демократија и ќе ги отвори вратите за да ги продолжиме преговорите со ЕУ.

– Затоа таа одговорност за блокирање на сопствената држава, ќе остане и лежи кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и кај партијата. Јас се надевам дека што поскоро ќе има разумно размислување и ќе се направи ова, затоа што успехот ќе биде заеднички и потоа може да се продолжи понатаму. Во спротивно, сигурен сум дека и на изборите ќе ја имаме истата дилема и тоа ќе биде една од точките на која партиите ќе се разликуваат сериозно и ќе се соочиме со избор на два блока, едниот блок – европски фронт, кој што ќе работи и работи интензивно на зачленување на Северна Македонија во Европската унија до 2030 година и другиот блок што ќе нуди повторно преговарање, повторни кавги, изолација со соседите и од сите текови во оној тунел во кој што бевме 11 години, смета Маричиќ.

Тој нагласи дека на Самитот на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок треба да биде усвоен Планот за раст на Западниот Балкан, кој како идеја потекна од земјите од регионот и кој ќе ни овозможи уште пред зачленувањето во Унијата да почувствуваме некои од придобивките од членството.

– Секако тоа е врзано за сериозни реформи во финансискиот систем, начинот на управување со буџетот, зајакнување на транспарентноста и контролата врз трошењето на парите, секако реформи во владеењето на правото и судството…, кои што ќе бидат врзани со конкретна финансиска помош и финансирање на конкретни проекти од страна на Европската Унија, посочи вицепремиерот и главен преговарач на земјава со ЕУ.

Тој потсети дека во рамки на Планот за регионот се предвидени шест милијарди евра, од кои сериозен дел се наменети за нашата држава, од кои првите средства се очекува да ги добиеме на почетокот на вториот квартал од наредната година.

– Тоа е еден динамичен инструмент, кој што треба нас на некој начин да не мотивира побрзо да направиме некои работи поврзани со реформите, тоа е одговорноста и на Владата и на Собранието, така што тука ќе треба сите политички партии да покажат зрелост и затоа сакаме и инсистираме на инклузивен начин да се разгледува овој план, а од друга страна ЕУ на тоа брзо да реагира и да обезбеди средства кои што ќе може да ги користиме и да ги финансираме проектите веќе во првата половина на наредната година, додаде Маричиќ.

Според него, во последните 20-тина години немало инструмент со ваква брзина и интензитет како што е Планот за раст, чии ефекти ќе бидат видливи побрзо, ќе го вратат кредибилитетот на Унијата и динамиката во нашиот реформски процес, а сето тоа граѓаните ќе можат да го видат и почувствуваат и пред членството во ЕУ.

– Тоа значи дека ни се отвора вратата уште пред членството и тоа треба да го цениме, затоа што ние забораваме дека само пред седум години извештаите на Европската комисија звучеа страшно, укажуваа на заробена држава кај нас во Северна Македонија. Денес сме во ситуација каде што за само седум години можеме да очекуваме да бидеме членка на Европската Унија и тоа е една суштинска разлика што ние треба да ја сфатиме како наша шанса. Имаме реална прилика за седум години да биде таму каде што сме сакале и сме мечтаеле да бидеме повеќе децении, заклучи вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за МИА.