Сефер Тахири

Во својата колумна „Македоноскепса“, колешката Ана Чупеска напиша „Полека и со вергина знамињата (во МАНУ го ставиле на говорницата?! Замислете!)“. Стварно, на 16 декември во МАНУ се одржала свечена академија во МАНУ по повод 98 години од објавувањето на „Абецедарот“ во Атина.

Убав настан! Историски значаен, бидејќи го докажува постоењето на македонското малцинство во Грција, факт кој соседот не го признава ден денес, и покрај тоа што Друштвото на народите од Женева уште во 1925 година ѝ наложило на грчката влада во училиштата да се учи и на македонски јазик.

Ист бил односот на Грција и кон Албанците и нивната фактичка присутност. Биле протерани и масовно убивани пред Втората светска војна. Историјата на Балканот има многу сличности.

Букварот наречен „Абецедар“, наменет за Македонците во основните училишта во Грција, иако никогаш не бил употребен од учениците е доказ за посебноста на македонскиот јазик и неговото користење во разните краишта на Грција. Од прелистувањето на овој абецедар, пишуван со приспособена латинска азбука на прилепско-битолско-лерински говор, се гледа богатството на јазикот, употребен од народот, а и примерите се доста интересни и се во духот на традицијата, обичаите и менталитетот на македонскиот народ.

Значи букварот е идентитетски аргумент за самобитноста на македонскиот јазик, како јужнословенски јазик!

Но, во МАНУ, на бина и на говорница стоеше знамето на Вергина или знамето од Кутлеш, со 16 ѕвездени крака, на црвена основа, кое беше државно знаме од 1992 го 1995 година, а беше сменето со закон донесен од Собранието на Македонија, заради барањето на Грција.

Ова знаме e пронајдено во градот Кутлеш во Централна Македонија во Грција и е симбол на античките Македонци, а му припаѓа на кралот Филип Втори.

На Балканот нема само Македонци, кои мислат дека на овие територии се заедно со појавата на сонцето. Има и доста Албанци, но и други балканци.

Факт е дека низ балканските простори поминале голем број на цивилизации, но тенденцијата да се покаже дека македонската историја и идентитет имаат корени од антиката не е влог кон иднината. Враќањето во антиката не нè води кон Европ(ск)а (унија).Тоа беше проект на владата на Груевски, за кој беа потрошени големи суми, можеби до милијарда евра народни пари.

МАНУ треба да биде свесна дека со Преспанскиот договор со Грција, ние како држава се обврзавме дека нема да го истакнуваме никаде знамето од Кутлеш. На државните институции ни под еден услов!

Во членот 8 од договорот стои децидно:

Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија.

МАНУ, имајќи предвид дека е државна институција, треба да го почитува договорот и да не си поигрува со етнонационалистичките чувства на дел од граѓаните. Лажен академски етноцентризам! Неговата мисија е да ги продлабочи односите меѓу народите, не да влијае Балканот и ние како држава да не можеме да излеземе од мрачните лавиринти на историјата.

Доста е од „академски“ стратегии, прокламации, меморандуми и колумни, аналогни на САНУ (Српската академија на науките и уметностите), кои се етнофолклорни реминесцентни сценарија, кои потсетуваат на историјата, пишувана со многу жртви. Балканот доста пролеал крв!

Свесен сум дека, не само во МАНУ, и во други балкански академии членуваат академици, кој пред науката ги стават етнонационалните интереси. Така и во МАНУ седат голем број на „големи“ македонски патриоти. Иако академиите треба да влијаат со стратегии и проекти да имаме мултиетничко и интеркултурно општество, но и добри и коректни односи со соседите, базирани на реципрочно непровоцирање.

МАНУ и сите институции треба да влијаат да изградиме мостови, не да ги рушиме. Државата (народот) ве плаќа да ѝ помагате, доста сте ѝ одмогнале со Енциклопедијата, во која Албанците ги нарекувате „планинци“.

Драги академици, веќе знаеме дека сте „големи“ Македонци, но сега отчукува часот на кохезија, а не за делби. Поголемо родољубие и патриотизам од ова нема.

МАНУ не биди САНУ!