Новоименуваната амбасадорка на земјава во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска денеска ги предаде акредитивните писма на бугарскиот претседател, Румен Радев, јави дописникот на МИА од Софија.

Руси-Поповска е првата жена амбасадор на земјава во Софија, од 12 јануари 1992 година, пред 30 години, кога Бугарија ја призна независноста на тогашната Република Македонија, од Владата на Филип Димитров и беа воспоставени дипломатски односи.

Северна Македонија две години немаше амбасадор во Бугарија, откако пролетта 2020 година истече мандатот на последниот амбасадор, Маријан Ѓорчев и тој се врати во Скопје.

На иста церемонија со Руси-Поповска, Радев ги прими и акредитивните писма и на амбасадорите на Австрија, Ватикан, Кувајт, Либија, Литванија и Словенија во Софија.