Владината одлука за набавка на воена опрема што е на предлог на Министерството за одбрана е дел од планот за модернизација на Армијата за годинава, што треба да значи усогласување со НАТО стандардите. Од Владата информираат дека со овој план ќе бидат опфатени осум проекти со што ќе се зголеми опременоста во согласност со армиите на сојузничките земји, објави ТВ21.

„Планот содржи вкупно осум проекти кои ќе се реализираат преку склучување на договори за набавка на стоки услуги и работи во областа на одбраната и безбедноста со Владите на земјите членки на Алијансата. Согласно планот за модернизација на Армијата се предвидени набавки на лесни оклопни возила на тркала, односно проект кој е во континуитет, специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, ПВО систем на многу мали височини, ремонт на транспортни хеликоптери, опрема за извидување и разузнавање“, истакна Муамет Хоџа.

Како што информира ТВ21 од Владата не прецизираат точно колку ќе ја чини државата таа опрема и велат дека за ова веќе се обезбедени средства од Буџетот.

„Средствата се планирани во Буџетот за одбрана за 2022 година, кој е јавен и достапен и е во согласност со долгорочниот и среднорочниот план за развој на одбранбената способност. Исто така е јавно достапна и повеќе пати повторена информацијата дека во Буџетот за 2022 година над 30 посто од средствата се предвидени за модернизација на Армијата“, додава Муамет Хоџа.

Инаку, уште во 2019 беше предвиден десетгодишен план за модернизација на Армијата согласно НАТО стандардите со кој беше испланирано да се потрошат 700 милиони евра.

Преку договор влада-со-влада, Македонија од САД купува 89 лесни оклопни возила за опремување на Лесната пешадиска баталјонска борбена група. 30-тина од нив требало да пристигнат во текот на минатата година, но испораката доцни.