Македонската фудбалска репрезентација дополнително ќе биде хендикепирана за утрешниот пријателски меч со Азербејџан (14 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“, зашто нема да играат напаѓачот Бојан Миовски и стандардниот лев бек Езџјан Алиоски. Миовски поради болест не е во конкуренција, а Алиоски е ослободен од обврските.
„За жал утре Миовски нема да игра поради болест, а Алиоски од приватни причини го ослободив од обврските и ќе мора да играме без нив двајца“, рече селекторот Благоја Милевски.
Миовски против Финска влезе на почетокот на второто полувреме, а Алиоски беше човекот што го изнуди пеналот за ремито кој го реализираше Енис Барди.
Поради повреди отпаднаа Александар Трајковски, Милан Ристовски, Аријан Адеми, како и од претходно повредените Дарко Чурлинов, Тихомир Костадинов и Дејан Илиев.