Зоран БОЈАРОВСКИ

Северна Македонија е дел од планот наречен „Инвестициска програма за праведна енергетска транзиција“, и опфаќа слични проекти за замена на јагленот со обновливи извори во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и Сенегал, со поддршка на влади, јавни доверители и приватни инвеститори.

Овој план кој финансиски го поддржуваат најголемите меѓународни финансиски институции како што Светска банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е конкретизиран за време на Климатскиот самит КОП28 во Дубаи во ноември минатата година, и содржи активности за затворање на двете преостанати електрани на јаглен во земјата, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, и нивна замена со обновлива енергија преку капацитети кои ќе произведуваат 1,7 гигавати електрична енергија.

Ова е потврдено и на Инвестицискиот самит за Западен Балкан 2024 на ЕБОР на почетокот на оваа недела во Лондон, на кој како клучен приоритет на Банката во регионот е поставена зелената енергија во Западен Балкан. На оваа тема беше посветена посебна сесија која ги собра инвеститорите и клучните креатори на политики на министерско ниво на дискусија за максимизирање на мобилизацијата на приватниот капитал за да се забрза декарбонизација на регионот.

Северна Македонија е веќе длабоко навлезена во постепеното менување на производството на електрична енергија од јаглен со производство на електрична енергија од обновливи извори. За енергетската транзиција неопходни се инвестиции од 800 до 900 милиони евра на годишно ниво до 2040 година.

Меѓународни кредитори, вклучително и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светската банка, одобрија план вреден 4 милијарди евра кој треба да ја оттргне Северна Македонија од користењето јаглен во енергетиката до 2030 година за кога е предвидено да заврши транзицијата од фосилни кон обновливи извори на енергија.

Северна Македонија влезе во решавање на предизвиците во однос на климатските промени со стратегија и со помош на зеленото сценарио да биде овозможена позелена и поодржлива иднина со искористување на хидро, соларните и енергијата на ветерот како потенцијали со кои земјата располага во оптимални количини за една ваква транзиција.

Неодамна беше соопштено дека во чпоследните 25 месеци приклучени се нови 578,26 MW енергетски капацитети од обновливи извори кои произведуваат електрична енергија што е доволна за просечна потрошувачка на скоро 185 илјади домаќинства.

Надежите се дека со инвестициите во обновливите извори на енергија до 2040 година ќе се отворат и многу поголем број на работни места во земјата, како и други економски и еколошки придобивки.

Европа на половина пат кон затворање на сите електрани на јаглен до 2030 година

Кога станува збор за Европа, веќе половина од 324 европски електрани на јаглен или се затворени или објавија датум за „пензионирање“ пред 2030 година. Во 2015 година, Обединетото Кралство беше првата земја што ја објави својата амбиција да биде земја која ќе произведува струја без јаглен, со надеж да ја постигне целта до 2025 година. Следната година примерот го следеше Франција кога француското претпријатие за електростопанство ЕДФ објави дека ќе ја затвори електраната во Вест Бартон, северна Англија-една од двете останати во Британија. Белгија стана првата земја од ЕУ што постепено го исфрли јагленот во 2016 година.

Јагленот е во голем пад низ Европа. Во последните пет години, Европа увиде дека 50% од нејзините електрани на јаглен се затвораат или се обврзуваат да затворат. Од 2016 година, производството на енергија од јаглен е намалено за нешто повеќе од половина.

Дополнително, согорувањето на јагленот станува сè поскапо. Финансиските институции на ЕУ, исто така, воведоа политики за ограничување на јагленот и многу комерцијални банки објавија планови за прекин на финансирањето на проекти за нови проекти за јаглен низ целиот свет.

„Ние сме на крајот на играта за индустријата за јаглен во Европа“, вели Катрин Гутман, директорка на кампањата во Europe Beyond Coal, сојуз на групи од граѓанското општество кои водат кампања за постепено исфрлање на јагленот.

„Половина од рудниците и од електраните на јаглен во Европа е историја. Владите, енергетските компании и финансиските институции сега мора да планираат излез од јаглен во 2030 година или порано, да ги прекинат сите финансиски текови за јаглен и фосилни гасови и наместо тоа, да ја насочат својата поддршка кон одржливите обновливи извори и правичната транзиција на погодените заедници“, укажуваат од Europe Beyond Coal .

Јагленот произведува најмногу CO2 на килограм од сите фосилни горива, дури двојно повеќе од истото количество природен гас. Тоа предизвикува и загадување на воздухот со ослободување на честички кога гори.

Исфрлањето на употребата на јаглен е клучно за справување со климатските промени.

„Ако сакаме да се справиме со климатските промени и да обезбедиме здравје и благосостојба на луѓето, мора да го забрзаме нашето оддалечување од јагленот. Прекинувањето на нашата зависност од јаглен ќе спаси животи“, апелираат од Europe Beyond Coal.

Обновливите извори на енергија, исто така, забележаа пораст во последниве години, надминувајќи ги фосилните горива за прв пат оваа година во производството на електрична енергија.

Но сè уште има некои земји од ЕУ кои ќе го пропуштат рокот до 2030 година за постепено укинување на јагленот, предвиден во Парискиот договор. Германија крајот на употреба на јаглен го гледа до 2038 година, додека Полска, Романија и Бугарија немаат планирано исклучување, а Чешка и Словенија сè уште размислуваат за датуми.

Стратешките инвевстиции за зелена енергија и чист воздух и зелена средина

Енергетската транзиција на земјата, која вклучува и изградба на гасна централа треба неминовно да се спроведе најмногу поради тоа што ќе придонесе кон намалување на загадувањето, особено во Скопје, рече Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ во интервју за Слободен печат.

„Секој ден дишеме загаден воздух. Вашите и моите деца дишат загаден воздух. Гасната централа на Митилинеос не само што ќе придонесе кон намалување на сметките за струја и за парно, туку уште поважно ќе поттикне повеќе луѓе да се греат на парно со што ќе се намали примарниот извор на загадување, како што е греење на дрва и гуми. За мене овој аргумент можеби е најважен во целава дебата – здравјето и животот на моите сограѓани нема цена“, нагласи Деспотовски.

Иако стратешката инвестиција на Митилинеос според која е предвидено изградба на когенеративна гасна електрана во Гази Баба со инсталирана моќност за производство на електрична енергија од 130-165 MWe и топлинска енергија од 90-105 MWth, е вратена на доработка во Владата како предлагач, придобивките од неа би биле повеќекратни кога се знае дека грчката компнаија е водечка глобална индустриска и енергетска компанија со силно присуство на сите пет континенти, која неодамна објави амбициозни цели, да стане јаглеродно неутрална компанија за развој и градежништво.

„Грчкиот Митилинеос е голем играч на пазарот за електрична енергија. Станува збор за компанија која има скоро 7 ипол милијарди годишен приход и има пристап до најевтиниот извор на гас во Европа, а тоа е референтната холандска берза ТТФ – пристап кој државното ЕСМ го нема. Клучното прашање е по која цена државата ќе го обезбедува гасот. Еве во моментов плаќаме 53 евра за гас, што е двојно повеќе од цената која ја плаќа Митилинеос на холандската берза. Ние како мал потрошувач немаме пристап до холандската берза на гас, а грчката компанија има. И кога би влегле во таков проект прашањето е колку ќе чини гасот и од каде ќе се набавува“, рече во интервјуто за Слобден печат Јован Деспотовски и додаде дека сите овие елементи треба да се земат предвид кога се прават пресметки и се носат одлуки.

Митилинеос е глобален репер за зелена енергија и металургија којашто си има поставено цел да ги намали вкупните директни и индиректни емисии на CO2 за најмалку 30% до 2030 година, додека до 2050 година се обврзува да постигне нето нула емисии во целата своја деловна активност.

Превземено од Рацин.мк