Познатиот туристички локалитет Мачу Пикчу во Перу е затворен на неодредено време поради протестите во таа земја. Би-би-си јавува дека стотици луѓе, главно странски туристи, се заглавени во подножјето на локацијата, бидејќи демонстрантите ја оштетиле пругата по која возот сообраќа до и од Мачу Пикчу.
Мачу Пикчу е тврдина на Инките од 15 век на планините Андите, која е прогласена за едно од новите седум светски чуда во 2007 година, а се проценува дека годишно ја посетуваат околу милион туристи.
Министерството за култура на Перу соопшти дека оние кои веќе купиле билети ќе можат да ги користат еден месец по завршувањето на демонстрациите, или ќе им бидат вратени парите.
Протестите во Перу продолжија откако владата ја продолжи вонредната состојба во шест региони оваа недела, ограничувајќи ги некои граѓански права, јавува Би-Би-Си.