Министерот за правда Кренар Лога очекува Уставниот суд да ги укине измените и дополнувањата на Кривичниот законик поради кои застареа многу судски предмети против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ затоа што измените се направени спротивно на стандардна процедура што ја предвидуваат меѓународните конвенции. Министерот Лога, во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk, вели дека е предвремена прославата за избегнување на правдата од поранешни и актуелни функционери затоа што со прогласување на измените како неуставни од уставниот судските процеси ќе продолжат таму каде застанале.

„Измените може да се укинат од Уставниот суд затоа што кога се пратени за мислење до институциите кои се засегнати, како што се судовите и обвинителството, се прашани за нешто друго, а не за конкретните измени и не се чекало на нивното мислење, туку измените се направени преку ноќ“, изјави Лога додавајќи дека новите казни против организиран криминал се пониски утврдени во Конвенцијата од Палермо, која ја има ратификувано Северна Македонија.

Според Лога, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ соработуваат за да ги спречат вистински судски реформи за да ги заштитат нивните криминални интереси.

„Во земјата се судираат два концепта, стариот кој сака да ја зароби државата и да ја краде, кој доминира во македонскиот политички блок затоа што власта била концентрирана во нивни раце, и новиот концепт кој бара судски систем кој ќе обезбеди владеење на правото“, тврди Лога објаснувајќи дека иако ВМРО-ДПМНЕ прво прифатило да соработуваат за смената на пет члена од Судски совет и донесување на измените и дополнувања на Законот за јавното обвинителство, се повлекувал во последен момент.

Зборувајќи за измените на законот за јавно обвинителство Лога вели дека целта е да се има пристап во начинот на распределба на предметите и на патот како тие се процесираат, а не да се има пристап во нивната содржина.

„Ако еден предмет се презема од еден и се распоредува на друг обвинител мора да има објаснување за тоа. Не може најчувствителните предмети да ги работат само привилегирани обвинители“, објаснува министерот за правда. Р.З.