Новите судски реформи ќе предвидат реизбор на членови на Судски совет и на Советот на јавни обвинители и давање можност во овие тела да се изберат и професори и адвокати, а не само истакнати правници како е дефинирано во сегашните закони, вели министерот за правда Кренар Лога во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk. Освен овие измени, министерот Лога открива дека членовите на Судски совет од редот на судовите ќе треба да одговарат пред Собранието на Здружението на судиите затоа што според сегашното решение тие досега не одговарале пред никој орган, а во рамките на реформите е предвидено да се направи и нов систем за распределба на судските предмети.

Лога верува дека во судскиот систем има многу чесни и стручни судии и обивнители, на кои досега не им е дадено можност да се чуе нивниот глас.

„Ако вие сте чесен обвинител и ви се одзема предметот без никакво објаснување и се распоредува на друг колега, вие немате право да се жалите затоа што воспоставената приамида во Обвинителството не ви го дозволува тоа. Ако се дрзнете да се жалите тогаш после неколку недели ќе се соочите со дисциплинската постапка пред Советот на обвинители. Овој систем ве замолчува затоа што и судиите и обвинителите имаат семејства и треба да пратат плата дома како сите ние“, истакнува Лога.

Тој тврди дека новиот состав на Судски совет треба да ги разреши нестручните и корумпирани судии, а новиот систем на АКМИС ќе треба да ги спречи сегашните злоупотреби.

„Системот АКМИС се злоупотребува повеќе од времето на Груевски. Ова може лесно да се докаже. Вие покренувате тужба и не ја плаќате таксата се додека не ви падне саканиот судија. Практично вие одредувате кој ќе го суди вашиот предмет“, откива министерот Лога.

Според него, опозициската ВМРО-ДПМНЕ одбива да учествува во судските реформи иако им е дадена можност да раководат со работната група.

Зборувајќи за работата на сегашниот Судски совет, Лога  вели дека начинот како беше разрешена претседатлката Дамева зборува за квалитетот на нивната работа. Во врска со продолжување на мандатот на претседателот на кумановскиот суд, кој ги навредувал вработените врз основа на етничка припадност, Лога открива дека од осум таа не усполнува седум услови, а еден од нив е и злоупотреба на системот АКМИС, за кој еден скопски судија е во затвор. Р.З.