Дали Охридскиот регион ќе го зачува статусот под УНЕСКО, не зависи само од државата и општината Охрид, туку и од Струга. Но, таа општина ниту еднаш досега не излезе јавно со регистар на вкупниот број на дивоградби на нејзина територија и покрај обврската. Граѓанските активисти бараат државата да посвети поголемo внимание за да не се случи регионот да се најде на листата на подрачја во опасност.

„А, причина за тоа е човечката рака. Затоа ние треба да го чуваме и да посветиме поголемо внимание. Затоа требаше да имаме вистински урбанистички план за линијата на Охридското Езеро, да на овој начин да се реши проблемот со угостителите и да се поттикне туризмот, бидејќи имаме стагнација на туризмот и не е на местото каде сакаме да го видиме. Дали локалните власти треба да посветат поголемо внимание за ова прашање? Сигурно. Ова е клучната точка каде има сопки и треба повеќе да се фокусираат да се поттикне заштитата на Охридското Езеро и вистинската урбанизација“, рече Ндерим Положани-невладина организација Кап-Стругa.

Градоначалникот Рамиз Мерко, во неколку наврати досега тврдеше дека на струшката страна од езерото во заштитениот појас нема нелегални градби. Но, Алсат уште пред две години констатираше дека во тој појас има вкупно 65 објекти на 50 метри од брегот на езерото. Проблеми има и на албанската страна која од пред неколку години е исто така под заштита на УНЕСКО. Аријан Мероли, граѓански активист, вели дека од двете држави има неколку потенцијални загадувачи.

„Што се однесува до албанската страна, две се најкритични точки кои се како резултат на минерални отпади и зоната кај изворите на Дрилон, која е заштитена зона, која поради една туристичка инвестиција го загрозува својот статус како зона на природното наследство која е дел од албанската страна која е влезена во статусот на УНЕСКО…“, додаде Аријан Мероли-граѓански активист од Поградец.

Проблемот со двете јаловини од некогашните рудници за феро никел кои повеќе не работат, а се близу езерото, мора најитно да се реши, додава Мероли. Граѓанските активисти од Охрид пред неколку дена алармираа дека од вкупно 19 препораки на УНЕСКО, делумно биле решени само 4. Државата на почетокот на февруари испрати извештај до УНЕСКО за сработеното, а на состанокот ова лето во Кина, статусот на Охрид повторно ќе се разгледува.