Триесетина медицински лица вработени во градската општа болница „8 Септември“ во Скопје вчера одржаа протест во кругот на болницата за да изразат револт од неисполнетите ветувања за зголемување на нивните плати и вреднувањето на трудот, објави 360 степени.

Докторите бараат да добијат „инфективен додаток“ (како за секоја инфективна болест), како и зголемување на додатоците за дежурства, за кои се жалат дека се двојно помали од оние што ги добиваат нивните колеги од клиничките болници.

Излеговме на протест бидејќи ни беше ветено дека ќе ни се изедначи вредноста на нашиот труд со клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, но тоа се уште не е сторено. Ние како болница од март се бориме со ковид-19 и мислам дека нашата работа и нашиот труд не е вреднуван. Ни ветија дека дежурствата, платите ќе ни бидат изедначени како со Клиничкиот центар и дека ќе ни го исплатат инфективниот додаток – вели во изјава за „360 степени“ д-р Петар Атанасовски.

Атанасовски вели дека барањето не важи само за докторите, туку за целиот персонал, посочувајќи ги медицинските сестри и болничарите како едни од најизложените на ризик во борбата со ковид-19.

На протестот, здравствените работници побараа и исполнување на уште едно ветување од Министерството – болницата да добие статус на клиника.

Посочуваат дека уште од почетокот на пандемијата, болницата е најголем ковид-центар, „рамо до рамо“ со Инфективната клиника и ги прима најтешките пациенти.

Докторите велат дека таа битка се уште трае и дека четири спрата од болничката зграда функционираат како „црвена зона“ во која се лекуваат сомнителни и потврдени ковид-пациенти, а во нив дежураат доктори и сестри од различни болнички одделенија.

Паралелно, болницата прима и пациенти со други дијагнози неповрзани со ковид-19.

Ние веќе работиме како клиника само го немаме тој статус. Ако болницата добие таков статус, тоа ќе значи и промена во однос на едукација на нови кадри, поголема можност за наше усовршување, за работа со нови методи итн  – посочува Атанасовски.

„Белите мантили“ порачаа дека ова иако не е прв протест, е прв успешен, бидејќи претходните обиди за протести биле „задушени“ со ветувања дека нивните барања ќе бидат исполнети. Но, досега ништо од тоа не се реализирало.

Ова е трет собир. Уште во јули министерот ни вети дека ќе станеме клиничка болница, дека ќе имаме ист коефициент со клиничките болници во ‘Мајка Тереза’, дека ќе имаме слични дежурства како оние на Инфективната клиника, на пример, бидејќи по ништо не се разликуваме од нив, скоро цела година работиме со ковид-пациенти. Затоа бараме ветените работи да ни се исполнат. Поминаа седум-осум месеци, а немаме никаков одговор од министерството. Излеговме на мирен протест да ги потсетиме раководните кадри да ги исполнат ветувањата – порача ендокринологот Танер Хасан.

Додека траеше протестот во дворот на болницата, дел од докторите добија дојава и ново ветување дека барањата ќе им бидат исполнети по што го прекинаа протестот.

Од Министерството за здравство за „360 степени“ велат дека денеска имале средба со раководството на болницата и со претставници на синдикатот, на која бил постигнат договор за зголемување на додатоците за дежурства во ковид-одделенијата.

Министерот за здравство утрово се сретна со директорот на ГОБ ‘8 Септември’ и со претставници на синдикатот. На средбата беше договорено вредноста на дежурствата во ковид – одделенијата во болницата да се зголемат за околу 35% со што постоекката вредност на дежурствата од 96%, со измените би достигнале до 130% – велат од Министерството за здравство.

Директорот на болницата Христијан Костов во телефонски разговор за „360 степени“ не сакаше да каже што е договорено за другите барања на докторите, ниту од кога би се применувале ветувањата за зголемување на додатоците.

Посочи само дека е постигнат договор и дека е утврдена динамиката на имплементација.

И порано сме разговарале и денеска разговаравме за тоа. Точно се утврди за кој и колку ќе се зголеми процентот за дежурства. Утврдена е и динамиката како ќе се реализира ова. Денеска беа и претставници од нашата болница на средбата со министерот. Ќе има зголемување на додатокот за дежурства за сите доктори што работат со ковид – пациентите – вели Костов.

Вработените во болницата „8 Септември“ пак, најавија дека доколку надлежните уште еднаш се оглушат на нивните барања ќе продолжат со протести, а не ја исклучуваат и можноста за бојкот на работата во болницата.

Поддршка на протестот на лекарите изрази и нивниот колега Ненад Лазарев.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.