Стотици милиони луѓе ширум светот користат статини, лекови кои го намалуваат нивото на холестерол во крвта и го спречуваат ризикот од развој на срцеви заболувања. Една нова американска студија покажа дека статините, „лекови против маснотии“, исто така, ја намалуваат смртноста од ковид-19, пренесува порталот „Medical News Today“.

Покрај нивната примарна цел, статините, исто така, имаат силно антиинфламаторно, антикоагулантно и антивирусно дејство, сето тоа може да придонесе за намалување на компликациите поврзани со тешката клиничка слика на коронавирусот.

Затоа не е изненадувачки што група американски научници, вклучително и кардиолози кои се грижеа за лица со ковид-19, го испитуваа влијанието на статините врз оваа болест.

Најголемата студија од ваков вид досега спроведена

Тие го споредиле исходот од третманот на 1.296 пациенти хоспитализирани поради ковид-19. Половина од нив редовно користеле статини пред инфекција, а половина не.

Откако се споредиле пациентите за да се исклучат демографските разлики и другите фактори на ризик, тие откриле дека употребата на статин кај испитаниците ја намалува смртноста за 50 проценти еден месец по хоспитализацијата.

Ова е најголемата студија од ваков вид досега спроведена, но не е единствената. Студија спроведена минатата година во Сингапур покажа дека луѓето кои користат статини имаат помала веројатност да завршат на одделот за интензивна нега поради ковид-19 отколку оние кои не ги земаат како вообичаена терапија.

Научниците сега сакаат да го потврдат ова со подетално истражување

Американско истражување исто така открило дека пациентите кои користат статини се опоравуваат побрзо од коронавирусот.

Научниците сметаат дека ова може да биде затоа што статините, покрај тоа што го намалуваат воспалението и ризикот од згрутчување, го отстрануваат холестеролот од надворешните лушпи на клетката. Рецепторите на кои се врзува САРС-CoV-2, вирусот што предизвикува ковид-19, се наоѓаат токму во делот на клеточната мембрана каде се таложи холестеролот. Без него, вирусот не може да навлезе во клетката, покажаа резултатите од студијата.

Научниците сега треба да ги потврдат своите наоди со поголеми и подетални клинички истражувања.

Доколку клиничките испитувања ги потврдат резултатите, статините би можеле да се покажат како ефтина и ефикасна терапевтска стратегија во борбата против ковид-19 – рече водечкиот автор на студијата, др. Махеш В. Мадхаван, кардиолог во медицинскиот центар Ирвинг на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.