Поранешниот фудбалер на Барселона, Ривалдо е бесен поради погрешните одлуки на клубот во последно време.

Бразилецот Ривалдо кој во минатото беше и најдобар фудбалер на светот, светски шампион со Бразил и пет години го носеше дресот на Барселона, денеска е еден од најголемите критичари на каталонскиот клуб.

Ривалдо е свесен дека Барселона има огромни финансиски проблеми и не се плаши да каже што мисли за состојбата со Лионел Меси кој минатото лето бараше да си замине од „Камп Ноу“. Бразилецот смета дека клубот погреши што не го продаде Меси и влезе во дополнителни финансиски проблеми.

– Тоа беше грешка. Меси требаше да биде продаден додека имаше договор, а сега на лето може да си замине без пари. Барселона требаше да го направи тоа што го стори Реал Мадрид со Кристијано Роналдо. Го продадоа, зараборија 100 милиони евра и тргнаа од почеток – смета Ривалдо.

Бразилецот е убеден дека неговиот поранешен клуб наредното лето мора да продаде поголем дел од своите ѕвезди за да ги намали финансиските проблеми.

– Кристално јасно е дека Барселона мора да продава. За срежа има фудбалери кои се на цена, Гризман, Дембеле, Кутињо… Ова е шанса за нов почеток кој нема да биде лесен, но сепак мора да се случи – додава Ривалдо.