Вистински „земјотрес“ предизвика информацијата која  Барселонаја објави синоќа дека Лионел Меси нема да го продолжи договорот и дека во следната сезона ќе носи дрес на некој друг тим, по цели 21 година поминати во Каталонија.

Конечно се огласи и првиот човек на Барселона, Лапорта, кој вели дека преговарале со Меси за двегодишен, па за петгодишен договор, но сепак тоа пропаднало пред се поради финансиските услови кои биле огромни и кои би имале влијание во следните неколку години. Фер плејот и ограничувањата на Ла Лига биле главните проблеми што Барселона не можела да го задржи Меси, иако како што вели Лапорта двете страни го сакале тоа.

Лапорта вели дека најважен е клубот и дека ниту еден фудбалер, па и Меси не е над него. Доколку се продолжел договорот со Меси по условите за кои се преговарало, Лапорта вели дека ќе имало толку големи проблеми што Барса тешко ќе се опоравела во следните неколку сезони.

-Овој клуб е над сто години стар и е над сите и над сѐ, па и над најдобриот фудбалер на сите времиња. Ние секогаш ќе му бидеме благодарни за сѐ што стори, но овој клуб е над сите фудбалери, над секој претседател. Ние сакавме да преземеме некој ризик, ама кога сфативме каква е ситуацијата тоа е преголем ризик. Јас не сакам да го уништам клубот. Сѐ е поради ригидноста на фер-плејот, вели Лапорта.