Кускусот се ситни зрна тестенини што се варат и јадат исто како јуфки. Можете да го користите за подготовка на салати, предјадења, основни јадења, супи, за полнети пиперки, дури и десерти.

Малите зрнца кускус всушност се тестенина која се прави по специјална технологија од пченичен гриз или крупно мелена тврда пченица. Во некои области кускус се прави од крупно мелен јачмен или просо. По вкус е сличен на сите видови тестенини, но минијатурниот облик му дозволува многу подобро и рамномерно зачинување на зрната. Обично големината на зрната е до еден милиметар, а има различни видови кускус, од кои најинтересен е мафтул, познат како израелски кускус.

Правењето кускус е тежок процес. Некогаш жените се собирале во групи и правеле залихи од кускус за неколку денови. Денес производството на кускус е механизирано и широко распространето во светот. Оваа тестенина е главна храна во Алжир, Мароко, Тунис и во Либија, каде што е синоним за храна. Од таму кускусот се раширил во Северна Африка, арапскиот свет и потоа во Европа.
Кај нас вистинскиот кускус е малку познат. Популарен е во Источна Европа, во Италија е познат како „пеперини“, „ачини ди пепе“ или „пиомби“, во Унгарија се нарекува „тархони“, на англиски е „ег берли“. Израелскиот кускус мафтул или бисерен кускус е покрупна варијанта на кускус и се подготвува на, за нас, нетрадиционален начин. Во западната кујна кускусот се сервира со јадења од лосос или пилешко, се додава во салати.

Состав и хранлива вредност

Кускусот има гликемиски индекс за 25 отсто понизок во однос на другите видови тестенини. Енергетски во100 грама кускус има 350 калории, а има видови кои имаат до 120 калории. Хранливите вредности на кускусот варираат од видот и од начинот на производство. Кога избирате кускус, има минимален ризик да купите производ кој не е за консумација. Кај нас најчесто се нуди во пакувања од 500 грама со мала разлика во големината на зрната. Добро е да обратите внимание на содржината на пакување и да знаете каков производ купувате. Треба да се чува во ленени торби или стаклени или керамички тегли што не пропуштаат светлина. Ако се чува на ладно, кускусот може да стои неколку месеци. Сепак, рокот на траење назначен на пакувањето добро е да го имате предвид.

Кускусот во кулинарството

Како и сите видови тестенини и кускусот може да се подготви со различни комбинации меѓу производите. Можете да го користите кускусот за подготовка на салати, предјадења, основни јадења, супи, за полнети пиперки, дури и десерти. Некогаш кускусот бил производ од кој се правеле некои од најбараните јадења на шпанскиот кралски двор. Во арапската кујна сервиран сладок и солен, кускусот е еден од најпознатите и често консумирани производи. Кускусот е висококалорична храна, бидејќи вообичаено се комбинира со сосови. Најнепогодни и нездрави сосови се готовите, бидејќи содржат различни конзерванси и шеќери. Подобро е да се подготви со домашен сос со малку маснотија и здрави комбинации од зеленчук, млечни производи и ароматични зачини. Најздрава комбинација е со зеленчук и морски плодови.