Косовскиот премиер Албин Курти ја оценува како закана и воена агресија вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ кој најави дека Србија ќе бара од КФОР дозвола за да постави свои безбедносни сили во Косово.
Курти за ова на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека силно и одлучно ќе се брани.

Вучиќ вчера во своето обраќање изјави дека Србија ќе испрати барање до мисијата на НАТО во Косово за враќање на илјада припадници на војската и полицијата на Србија на територијата на Косово во согласност со резолуцијата 1244.

Курти овие изјави на Вучиќ ги нарече закана и воена агресија.

„Претседателот и премиерот на Србија, исто така, се заканија со воена агресија, барајќи српската војска да се врати на наша територија. Ние не бараме конфликт, туку дијалог и мир. Но, дозволете ми да бидам јасен: Република Косово ќе се брани – со сила и одлучност“, напиша Курти на Твитер.