Лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти изјави дека Косово наскоро ќе има нова влада. Курти го кажа ова по средбата со американскиот амбасадор во Косово, Филип Коснет. кој се сретна и со претседателка во должност, Вјоса Османи. Тој побара што побрзо да се конституира Собранието и да се формира нова влада.

„Задоволство е да се сретнам со Албин Курти и да му честитам на Движењето Самоопределување за победата и разговаравме за патот на Косово напред. Ги охрабруваме партиите да работат брзо за да ја формираат Владата и Собранието за да им служат на сите граѓани и да се справат со предизвиците“, велат од Амбасада на САД во Косово.

– Advertisement –

Иако броењето на гласовите на територијата на Косово е завршено, сè уште не е познато кога ќе започне процесот на броење на гласачките ливчиња добиени по пошта од Дијаспората или за лицата со посебни потреби.

Околу 43.500 пакети ливчиња од дијаспората пристигнаа во Косово. Над 100.000 граѓани кои живеат надвор од Косово имаа право на глас на парламентарните избори. Без пребројување на гласовите на дијаспората, и на лицата со посебни потреби, новиот состав на Собранието на Косово ќе изгледа вака:

Со 378 илјади 550 гласа Самоопределување ќе има 56 пратеници. ДПК доби 137 илјади 722 гласа или 20 пратеници. ДСК, која доби 103.507 гласа, ќе има 15 пратеници. АИК на Рамуш Харадинај со 58 илјади 743 ќе има 9 пратеници. Во Собранието на Косово, 10 места имаат Србите, а други 10 места се од несрпското малцинство. Партијата на Социјалдемократската иницијатива на Фатмир Лимај со 20.535 гласа не успеа да го помине прагот потребен за влез во Собранието.

Шкелзен Аќифи

Прикажи повеќе