Косовскиот премиер Албин Курти е оптимист дека во наредните месеци ќе се постигне правно обврзувачки договор со Србија. Курти рече дека дијалогот со Србија од август влегува во нова фаза, додека во центарот на преговорите е признавањето на независноста на Косово.
„Јас сум голем оптимист затоа што во споредба со минатото, или за разлика од минатото кога признавањето на независноста беше на крајот од процесот и го претвораше овој пристап, повеќе во насока на доложување на процесот, бидејќи ако и кажете на Србија независноста ќе дојде на крајот, ја охрабруваш Србија да го одложи крајот, но сега, меѓусебното признавање не е на крајот, туку во центарот на договорот“, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Курти останува оптимист и покрај фактот што српскиот претседател Вучиќ вчера повтори дека додека тој е претседател, независноста на Косово нема да биде признаена. Тој рече дека за него е неприфатлив и предлогот на Франција и Германија, дека Србија дозволува членство на Косово во ОН и за возврат го забрзува интегративниот процес на Белград во ЕУ. Косовскиот премиер повтори дека нема проблеми со српското население што живее на Косово, туку со паралелните структури кои се финансирани од Белград и кои, според него, станале поагресивни по војната во Украина.
„Нелегалните структури на Србија, и воопшто српските воени ветерани, станаа поагресивни оваа година по инвазијата и воената агресија врз Украина, бидејќи генерално сите или повеќето од нив се про-Путин. Тие ја сметаат руската војна во Украина како можност за нив. Многу од нив се ставени на црната листа на американското Министерство за финансии, а некои од нив имаат налози за апсење од нашата влада, но тоа никогаш не става знак на еднаквост меѓу луѓето и државата, ниту меѓу населението и структурите, ова ја прави разликата“, додаде тој.
Косово и Србија ги започнаа преговорите за нормализација на односите во 2011 година, со посредство на Европската унија. Се очекува преговарачкиот процес да заврши со правно обврзувачки договори. Иако Косово изјавува дека овој договор треба да вклучува меѓусебно признавање, Србија не прифаќа, инсистирајќи на „компромисно решение“.