Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, извршниот директор на Македонскиот Центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски изрази скептичност за можностите за откочување на уставните измени и преговорите за членство во ЕУ до локалните избори.
„…Она што беше промовирано за време на изборите не се случи. Ниту се дозволи одложено дејство на уставните измени, ниту измена на преговарачката рамка, ниту пак Бугарија покажа добра волја со, да речеме, регистрација на некои од здруженијата на етничките Македонци таму. Тоа беа адутите на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите. Се пробаа трите работи, не успеа ништо…Очигледно нема што плус многу да се направи, освен да има некоја иницијатива во насоката во која се тера, да Европската Унија даде некоја декларација, изјава, која нема да биде обврзувачка, а што ќе овозможи да почнат уставните измени кај нас“, вели тој.
Но, според Кржаловски, за уставните измени има конфликт и во ставовите на коалициските партнери во владата. „Претпоставувам ВМРО-ДПМНЕ ќе сака барем до локалните избори да не се случи такво нешто. Од друга страна, албанските партии што се сега во власта, ВЛЕН коалицијата, на изборите велеа, па и кога се состави власта, дека рокот е до крајот на годината. Тоа помина. И, сега е прашање тие како ќе реагираат. Така што е прашање дали нешто ќе се случи овие неколку месеци, во самата владејачката коалиција. Дали ќе притисне ВЛЕН да, сепак, почнат уставните измени, дали ќе има нешто од ЕУ за да се овозможи и за ВМРО-ДПМНЕ некоја таква отстапница, или, како што јас мислам – ништо нема да се случи до локалните избори“, оцени Кржаловски.
Коментирајќи ги обвиненијата и случувањата во однос на борбата против корупцијата, Кржаловски го оценува процесот како спор и задоцнет. „Некако е спора, ако ја има, таа борба против корупција – е спора и релативно доцна се случи. Треба да видиме, дали е ова почеток на некоја поголема таква кампања, за која очигледно има потреба, бидејќи во нашите истражувања, три години по ред е број 1 проблем – корупцијата. Значи, и претходната влада, но и сегашната, не успева да го симне од дневен ред или од првото место проблемот со корупцијата“, вели Кржаловски.
За работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, тој оцени дека ДКСК засега не помага или не покажува дека ќе има големи резултати во таа борба. „Сметам дека со години наназад се занимаваат со премногу неважни работи, односно, се добиваат премногу пријави за елементарни, мали случаи, а концентрацијата треба да биде на високата корупција и да има ефекти од тоа“, објаснува Кржаловски.
Во „Што има ново?“, Кржаловски зборува и за меѓуетничките односи и актуелните теми кои создаваат поделби во општеството, како „балансерот“ или законот за употреба на јазиците. Кржаловски се осврнува и на идните предизвици за граѓанскиот сектор, очекувањето за подобрување во соработката на владата со граѓанските организации и потребата од подобар систем за државно финансирање на граѓанскиот сектор.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Што има ново?“.