Кралицата Елизабета Втора и принцот Чарлс се фотографирани како уживаат во прошетка во близина на замокот Виндзор.

Откако војвотката и војводата од Сасекс го засенија британското кралско семејство во бомбастичното интервју со Опра Винфри, кралицата и принцот Чарлс решија со насмевка да ѝ потврдат на јавноста дека кризата е зад нив.

Имено, 94-годишната кралица и нејзиниот најстар син уживале во прошетка меѓу нарцисите и расцутените цреши во градината на куќата Фрагмор – кралската резиденција на околу половина милја од замокот Виндзор.

Фотографиите биле направени на 23 март – една недела откако принцот Филип се врати во замокот откако помина еден месец во болница – а беа објавени викендов за време на католичкиот Велигден.

Последен пат кралицата беше видена во средата кога по долго време се појави во јавноста по повод одбележувањето на стогодишнината од „Royal Australian Air Force“.

Во меѓувреме, принцот Чарлс сними стих од поетот и католички свештеник Герард Менли Хопкинс во знак на поддршка за католичките верници ширум светот.

Велигден е најважниот празник во христијанската црква, се слави воскресението на Исус Христос на третиот ден по неговото распетие, а поемата на Хопкинс ја доловува надежта и радоста поврзана со велигденските празници“, се вели во соопштението до јавноста, пренесува „Sky News“.