Српските епидемиолози и виролози денеска предупредија дека во наредните денови тековните тестови на крвта може да покажат дека „кракен“, најзаразната варијанта на коронавирусот, пристигнал во Србија.

Според нивната проценка, „кракен“ најверојатно веќе се појавил во Србија, а вирологот од Медицинскиот факултет на белградскиот универзитет Александра Кнежевиќ за порталот Нова.рс изјави дека се очекува анализата на новите примероци на крв официјално да го потврди тоа во наредниот период. Кнежевиќ оценила дека бивалентните вакцини со кои располагаат граѓаните нудат одреден степен на заштита од „кракен“.

Таа предложи пациентите со намален имунитет и постарите лица прво да ја примат бивалентната вакцина.

Епидемиологот Зоран Радовановиќ оцени дека „кракенот“ ќе стане доминантен во Србија во наредните недели, особено во февруари.

Радовановиќ предупреди дека бројот на заразени од „кракен“ се удвојува за осум дена, па оттука и проценките за „пикот“ во февруари.

Радовановиќ истакна дека „кракенот“ не предизвикува потешка клиничка слика, дури и кај оние кои се најосетливи, но дека постои ризикот од инфекција.

Според последниот епидемиолошки извештај од вчера, Србија имала 1.162 нови случаи на корона за 24 часа, а шест лица починале.

Досега, според официјалните податоци, од почетокот на пандемијата се регистрирани вкупно 17.574 смртни случаи од Ковид 19 во Србија.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.