Принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета Втора, ќе биде погребан во сабота на 17 април, а поради корона мерките, на погребот ќе смеат да присуствуваат само 30 луѓе.

Медиумите пренесуваат дека принцот Филип ќе биде погребан во дабов ковчег, кој ќе биде обложен со олово и кој специјално е направен за него пред повеќе од 30 години. Британскиот Метро пишува дека е обичај членовите на кралското семејство да бидат погребани во ковчег обложен со олово, бидејќи оловото би требало да помогне телото да се сочува од пропаѓање.

Имено, телото во ваквиот ковчег може да се сочува и до една година бидејќи е херметички затворено и до него не може да продре влагата. Во времето кога за принцот Филип бил изработен ковчегот, истовремено е дизајниран и соодветен ковчег и за кралицата.

Вредно е да се спомене дека и ковчегот на принцезата Дијана тежел четвртина тон, поради тоа што и тој бил обложен со олово, според кралските протоколи.

Инаку, желбата на принцот Филип била од неговиот погреб да не се прави голема церемонија која ќе биде исполнета со „преголема помпа“. Кралицата ќе ја исполни неговата желба, а ковчегот со неговото тело на последното почивалиште ќе биде испратен со „роверот“ кој сам го составил.

Принцот Филип почина на 9 април на 99 годишна возраст.

ВИДЕО | За племето од островот Тана принцот Филип бил Бог: Смртта на војводата од Единбург ќе ја одбележат со посебни ритуали