Премиерот Димитар Ковачевски изрази задоволство што денес бил повторно домаќин на почитуваниот висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, г. Жозеп Борел.

„Оваа средба доаѓа веднаш по средбата која попладнево ја имав со државниот секретар на САД г. Блинкен, на која тој истакна дека имаме силна и континуирана поддршка од САД на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и за спроведувањето на потребните реформи“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со државниот секретар на САД се согласиле дека стратешко партнерство, кое е фокусирано пред сѐ на плодната билатерална соработка, продолжува да се развива и понатаму.

„Високиот претставник Борел е во Северна Македонија поради учество на министерскиот состанок на ОБСЕ и сакам уште еднаш, и од оваа говорница, да истакнам дека сме горди од нашата улога и конструктивен пристап во текот на претседавањето со Организацијата. Се надевам дека на Министерскиот совет, овде во Скопје, ќе бидат донесени важни одлуки за иднината на оваа значајна и најголема организација во Европа“, потенцираше Ковачевски.

Премиерот и високиот претставник на ЕУ разговарале отворено за најважните прашања врзани со реформскиот и евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.

Со Високиот претставник разговаравме и за Развојниот план на Европската Унија за Западен Балкан и се согласивме дека истиот ќе даде нов, силен поттик на процесот на евроинтеграции. Планот бара продолжување на реформските процеси кои се пред нас, за кои имаме и политичка волја и знаење и капацитет да ги исполниме. Планот нуди одлични можности за земјите во пристапниот процес и планираме и да работиме со цел максимално искористување на средствата кои истиот ги става на располагање и којшто обезбедува поголема интеграција на регионот, забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосно вклучување во ЕУ. Го информирав Високиот претставник дека веднаш по формалната презентација на Планот, активно разботевме на создавање структура за негова имплементација и одржавме многу важен координативен состанок со претставници од соседните земји пред две недели во Скопје“, истакна Ковачевски.

„Ние двајца јасно се согласуваме дека нашата ЕУ интеграција мора да продолжи. Тоа е процес кој е почнат и нема да застане се до полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што нашите граѓани заслужуваат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, заслужуваат идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија“, вели Ковачевски во својата изјава.