На новинарско прашање за јавната набавка за угостителски прибор, за којашто одредени медиуми информираа дека е несоодветна, мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека откако ќе биде избран за премиер ќе ја провери и доколку е во обем и постапка која е несоодветна ќе ја поништи.
„Јас немам детали за таа набавка бидејќи сеуште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам“-рече претседателот Ковачевски.
Пред неколку дена медиумите објавија текст во кој се тврди дека 37 илјади евра чини новиот кујнски прибор на Владата кој го набавува Службата за општи и заеднички работи. „Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“, сите три фирми од Скопје, требало да обезбедат 30 парчиња ножеви од по 10 евра, вилушки од по 9 евра и лажици од по 6 ипол евра. За угостителскиот прибор за јадење со највисок квалитет, порцелан, инокс и кристал Владата требало да искешира 17 илјади евра.
Ќе имало кристални чаши од по 5 ипол евра за парче. Чиниите пак, оние за главно јадење чинат по 88 евра и за нив тренало се одвојат 2650 евра, а останатите по околу 50 евра.