Уверена сум дека градејќи трајни пријателства ќе постигнеме резултати кои ќе не направат побогати граѓани на овој дел од Балканот, изјави денеска во Софија министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска пред потпишувањето на неколку програми и меморандуми за соработка во областа на образованието и науката, туризмот, културата, младите и спортот со Република Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, нејзиниот бугарски колега, министерот за образование и наука, академик Николај Денков, рече дека ова е трет состанок на работната група во која учествуваат Министерството за култура, Министерството за млади и спорт и Министерството за образование и наука од бугарска страна, како и нивните партнери од Република Северна Македонија.

– Како и претходните средби, така и оваа помина во крајно добронамерен и пријателски дух, бидејќи многу јасно сме свесни за нашите заеднички цели и заеднички одговорности. Во секој договор има конкретни активности поврзани со средби на студенти, наставници и научници, како и средби меѓу универзитетите од двете земји и меѓу академиите на науките. Можам мирно и самоуверено да кажам дека ние од бугарска страна сме многу задоволни од оваа средба и ќе продолжиме со напредокот во затоплувањето на односите, кои долго време не се развиваа, рече Денков.

Тој појанси дека „има интерес за отворање филијали на бугарски универзитети во Република Северна Македонија“.

Министерот за млади и спорт на Бугарија Радостин Василев најави дека ќе има фудбалски натпревар меѓу владите на двете земји. Меморандумот од областа на младите и спортот меѓу Бугарија и Република Северна Македонија опфаќа младински активности во кои ќе бидат опфатени и бугарските општини. Во делот на спортот на колегите ќе им дадеме податоци за финансирањето на бугарскиот спорт и нашите спортски федерации, објасни министерот Василев.