На овој историски ден за Северна Македонија, кога се одржа првата Меѓувладина конференција со ЕУ со што се отвора процесот за прием на земјава во европското семејство, започнува и едно ново поглавје за македонскиот јазик, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Брисел.

– Јазикот кој се говори на сцените на македонските театри, кој се пее на концертните подиуми, на кој се пишуваат македонската проза и поезија, отсега па натаму не само што ќе биде заштитен туку ќе доживее и нова промоција, зашто допрва македонскиот збор ќе одекне во многу нови култури каде што досега многу малку допрел, истакна министерката.

Костадиновска-Стојчевска, како што соопшти Министерството за култура, посочила дека со почетокот на преговорите, јазикот, како темел на Македонците, се прецизира без никакви дополнувања и дообјаснувања. Со тоа се отвора вратата македонскиот јазик да стане еден од официјалните јазици на Европската Унија.

– Задоволството на овој ден е огромно, кога по 17 години носење тешки, важни, патриотски одлуки Република Северна Македонија и сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или каква било друга припадност, се на вистинската страна. Северна Македонија природно, вредносно и цивилизациски припаѓа во европското семејство. Нашето место е во Европската Унија. Ние досега многупати докажавме дека сме партнер од доверба на Европската Унија, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.