Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља денеска на Фејсбук објави дека руската новинарка Дарија Асламова е прогласена за „персона нон грата“ на Косово.
Во соопштението се наведува дека и е забранет влез во Косово во траење од пет години.
„Секој кој со одредени цели или директиви ќе ја прекрши или ќе се обиде да ја дестабилизира нашата земја, без сомнение ќе се соочи со силата на законите на Република Косово“, напиша Свечља.
Дарија Асламова беше уапсена на северот на Косово, потврди вчера Свечља за Радио Слободна Европа.
Тој вчера, исто така преку Фејсбук, истакна дека „многу земји докажаа дека се занимавала со шпионажа за руските воени разузнавачки служби и дека дејствувала под маската на новинарка“.
На дел од фотографиите кои ги сподели косовскиот министер Асламова е може да се види со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и сирискиот претседател Башар ал Асад.
„Нејзиниот обид да влезе во нашата земја, покрај тоа што се совпаѓа со настаните на северот на земјата, јасно ги докажува руските врски и пропаганда на која Србија веќе се приклучила и која има за цел да ја дестабилизира нашата земја“, нагласи Свечља.
Последните тензии во Косово се случија на 31 јули, пред почетокот на процесот на пререгистрација на српските автомобилски таблички со ознаки на градовите во Косово на таблички РКС (таблички на Република Косово) и воспоставување на реципрочни мерки од српските власти. Ова резултираше со блокади на границата, со што воведувањето на новите регистрации беше одложено за еден месец.