Црна Гора сака полноправно членство во Европската Унија и еднакви права со останатите членки, изјави црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ, нагласувајќи дека Подгорица е подготвена да прифати механизми за заштита од демократско назадување, но не и ограничување на правата.
„Црна Гора е многу јасна. Сакаме полноправно членство“, рече Горчевиќ, коментирајќи ги предлозите во ЕУ новите членки привремено да немаат одредени права, меѓу кои и право на глас во одредени области.
Таа посочи дека Црна Гора преговара со ЕУ веќе 14 години и дека еднаквоста е од особено значење за земјата.
Во Унијата се води дебата дали идните членки треба да прифатат привремени или структурни ограничувања поврзани со буџетот, проширувањето и надворешната политика, поради загриженоста на дел од сегашните членки од можно демократско назадување.
Горчевиќ нагласи дека Црна Гора нема намера во иднина да го користи ветото за блокирање одлуки, но не би прифатила статус на „членка од втор ред“ како дел од договорот за пристапување.
Црна Гора досега затворила 18 од 33 преговарачки поглавја и планира да ги затвори преостанатите до крајот на годината, со цел да стане членка на ЕУ во 2028 година.
Според Горчевиќ, постепената интеграција и Планот за раст за Западен Балкан се корисни чекори, но не можат да бидат замена за полноправното членство.
Текстот Црна Гора бара полноправно членство во ЕУ: Не прифаќаме статус на членка од втор ред е превземен од МАКФАКС.
















