Највозбудливиот натпревар на денот во Премиер лигата меѓу Манчестер сити и Евертон, кој требаше да се одржи вечерва на „Гудисон Парк“ од 21.00 часот е одложен поради заразени лица од ковид-19 во редовите на домашната екипа.

Оваа информација беше потврдена од „Етихад“ на официјалната веб-страница, а точниот број и имињата на првотимците не се познати. Според британскиот „Дејли мејл“ има пет позитивни случаи во клубот од Манчестер.

Од претходно е само познато дека менаџерот Пеп Гвардиола не може да смета на Габриел Жезус и Кајл Вокер исто така поради позитивни тестови на коронавирус.

„Граѓаните“ соопштуваат дека во согласност со медицинскиот протокол од Премиер лигата, но и во договор со Евертон, било одлучено да се одложи вечерашниот меч.

Сите позитивни случаи, вклучувајќи ги фудбалерите и другите членови на клубот, ќе мора да бидат во самоизолација до истекот на предвидениот рок.

На крајот од соопштението, клубот изрази желба заразените членови да се опорават што е можно побрзо за да продолжат во вообичаениот ритам.