Граѓаните на дел од државите од регионот со декади чекаат за да го почувствуваат бенефитот на побрзата конекција што ја носат модерните автопати и коридори. Без разлика дали се работи за делници во една земја или онакви што овозможуваат меѓудржавно поврзување.

Причините за пролонгирање на изведбата некогаш се објективни, а некогаш субјективни. Непристапни терени, планини, тунели, промашени траси, финансиски пропусти, технички недостатоци…

Македонија меѓу првите почна со двата коридора, 8 и 10 но потоа застана.

За разлика од нашата земја, Србија и Албанија интензиво работат во нивното автопатско и железничко поврзување. И покрај нерешените политички проблеми со Косово, делnиците се градат. Според тамошните аналитичари, Србија знае дека тоа е нејзин витален економски и геополитички интерес, а политичките спорови се минливи.

На пример Србија сега интензивно работи на автопатот Ниш –Приштина, кој веќе е финализиран до Прокупље и продолжува кон Мердаре (границата со Косово), за да се припои кон автопатот Приштина –Драч.

Исто така, познато е дека еден важен крак од српскиот Коридор 10 (Ниш – Истанбул), одзема добар дел од профитот што нашата држава ќе го добиеше да беа во функција Коридорот 8 и Коридорот 10. Од Ниш до Софија би се патувало за еден час  и се продолжува долж Коридорот 4 кон Грција (Солун, Кавала и Александрополис).

За докрај да се отслика катастрофалниот однос на Македонија кон соседите доволно е да се каже дека и Бугарија и Албанија имаат изградено пруга до Ќустендил, односно Поградец, што значи до самата македонска граница. Бугарија има изградено и автопат до Дупница, а Албанија експресен пат до Кафасан. Само Македонија 30 години нема изградено буквално ништо за да се поврзе со двете соседни држави и најкомпатибилни економии, а тој начин да стане вистински економски центар на Балканот.

Зошто е важно да се поврземе со Бугарија и Албанија

Бугарија има  171 милијарда долари БДП и со тоа се рангира на релативно високото 76-то место во светот. Нејзините 7 милиони жители кои важеа во минатото за едни од најсиромашните во Европа, денеска имаат годишни плати од околу 24.000 долари, што ги прави и тоа како поволни потрошувачи за македонските производи кои би се извезувале таму.

Самата држава со своите 110.000 км2, рудни богатства и многу поволна почва, но е и енергетски џин бидејќи, покрај старата нуклеарна централа „Козлодуј“, во моментов гради уште една под името „Белене“.

Земјата има две големи морски пристаништа во Варна и во Бургас кои се идеални за извоз кон земјите од Блискиот Исток, а исто така има и две сè помодерни речни пристаништа на Дунав (во Видин и во Руси) од каде може евтино, брзо и безбедно да се извезува на Балканот, но и кон Западна Европа.

Веројатно на ваквата моќ на бугарската економија се должи фактот што оваа земја, од која сме тотално инфраструктурно отсечени, е наш петти надворешно трговски партнер.

Слична или полоша е инфраструктурната состојба со Албанија која навистина во последниве десетина години претставува економија со забрзано ниво на развој.

Државата која пред нецели 22 години со граѓанска војна излезе од мрачната доба на тоталитаризмот, денеска има бруто-домашен производ во вредност од 38 милијарди долари и популација од 2,9 милиони жители кои создаваат годишно во просек по 15.000 долари.

Овие бројки воопшто не се за потценување ако се знае дека во 1990 година БДП на Албанија беше за добри 90 % понизок од денешниот.

Оваа држава активно се развива и на полето на инфраструктурата, а особено во делот на туризмот, сектор во кој вкупните инвестиции за само десет години надминуваат повеќе милијарди долари.

Албанија најде и уникатен модел за привлекување на парите од дијаспората преку продажба на приморјето по багателни цени, што на почетокот се критикуваше како мерка, но подоцна се увиде дека дава одлични резултати.

Уште пострашно е тоа што Албанија нуди и сè повеќе ќе нуди добри конекции и со целиот Медитеран, особено со Италија. Земјата има две големи и неколку помали морски пристаништа кои интензивно се модернизираат.

Ќе се намали трошокот за транспорт

Поврзувањето со пристаништата во Драч и Бургас е долготрајно барање на стопанските комори од земјава, кои бараа алтернативно пристаниште на Солун, со цел намалување на цените на транспортот и можност за повеќе избор при увоз и извоз на стоки. Со поврзувањето на само едно меѓународно пристаниште, Северна Македонија беше изложена на ризик да биде целосно отсечена во случај на блокада или штрајк во Солун, со што домашните компании би требало да плаќаат до три пати повисоки цени за транспорт на стоки, што би резултирало со удар врз домашната економија.

Изградбата на Коридорите 8 и 10д е еден од најважните инфраструктурни проекти кои се започнуваат во државата од нејзиното осамостојување, а свесни за нивната важност се сите во земјава. Со изградбата на овие коридори, земјава освен со пристаништето во Солун, конечно ќе биде поврзана со уште две пристаништа – во Драч и Бургас и ќе стане крстосница на Балканот.

Овој вид на поврзување и позиционирање на Македонија како вистински центар на Балканот е проект кој е поголем од една влада и кој е зацртан и замислен уште од нејзиното осамостојување, а моменталната влада е единствената која реши да земе акција и да започне со изградба на проектот.

Оваа капитална инвестиција, освен што ќе ја поврзи земјава со две нови пристаништа, ќе ја развие економијата, ќе ја модернизира и направи безбедна патната инфраструктура, но и ќе го поддржи домашиот сектор со 650 милиони евра.

Секако, изградбата на Коридорите 8 и 10д ќе има значајен ефект и во политичкиот и дипломатскиот аспект. Земјава ќе се позиционира како регионален лидер, што ќе има позитивни последици и во релациите со другите земји на Балканот и во Европа. Исто така, овој проект ќе ја подобри и соработката во регионот, со што ќе се отворат и нови можности за инвестиции и размена на стоки и услуги.

Овој инфраструктурен проект ќе биде еден од главните столбови на развојот на Македонија во следните децении, и затоа е многу важно да се продолжи со неговата успешна имплементација. Доколку се изведе успешно, Коридорите 8 и 10д ќе ги отворат вратите за појака економија, појака политичка и дипломатска позиција и подобро поврзување со другите земји на Балканот и во Европа.

Над 650 милиони евра од парите за Коридорите 8 и 10 ќе завршат во македонските компании

„Не треба да се прави слика дека сите пари од изградбата на Коридорите 8 и 10 ќе се дадат на „Бехтел и Енка“. Во договорот стои дека 51 отсто од изведувачите треба да бидат македонски компании. Тоа значи дека 650 милиони евра ќе се слеат на контото на домашните компании“ рече пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.

Тој додаде дека ова е оживување на фирмите и финансиска инјекција која ќе допринесе да се развива градежниот сектор во земјава.

„Неблагодарно е да се каже дека македонските фирми ќе бидат оттргнати, бидејќи 51 отсто од апсолутно сите работи на проектите ќе бидат за домашните компании, што е обврска од договорот“ рече Каевски.

Пратеникот од СДСМ рече дека со воведувањето на овој систем на изградба на автопатите ќе се донесе нова вредност во државата и ќе се избегне ситуацијата одредени автопатски делници да се градат со години.

Веќе изгубивме две години

Активностите за проектот за Коридорите 8 и 10д со „Бехтел и Енка“ траат повеќе од две години. Стартуваа со потпишување Меморандум за соработка со американско-турскиот конзорциум, по што беше донесен Закон за стратешко партнерство, со којшто првпат во државава се овозможи ангажман на еден субјект и за проектирање и за изведба.

По неуспешниот прв повик на ЈПДП за избор на надзор и правен трансакциски советник за проектот, повторениот оглас го доби италијанската ИРД инжинеринг и на почетокот на февруари во Владата беше потпишан договор. Изборот на ИРД овозможи преговори за утврдување на содржината и условите од Договорот и следуваше негово потпишување минатиот месец. По објавите во медиумите на информации со сомнежи за дел од компаниите во овој конзорциум предмет отвори Антикорупциската комисија, најавувајќи дека ќе ги испита објавените сомнежи, а потоа предмет по допрен глас отвори и Јавното обвнителство.

Реакциите и барањата за објава на Договорот се интензивираа откако во Собранието на предлог на група пратеници од власта беа предложени измени на законите за работни односи, за минерални суровини, за експропријација, за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за шумите, за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д.

Повик да ги испита објавите до Антикорупциската комисија и до ЈО во неколку наврати упати и премиерот Димитар Ковачевски.

Сепак иако Владата понуди пратениците да го разгледаат договорот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно негодува.

Проектот со „Бехтел и Енка“ е во вредност од над 1,3 милијарди евра, а дополнителни 300 милиони евра според првичните проценки ќе чини експрпријацијата. За годинава веќе се одобрени 243 милиони евра преку Буџетот на Министерството за транспорт и врски. Предвидена е изградба на автопатските делници: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар ( 27 километри) на Коридорит 8 и делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д. Според најавите, годишно ќе се градат просечно по 25 километри, а километар ќе чини 12 милиони евра.

Коридорите 8 и 10 имаат стратешко значење за државата

Коридорите 8 и 10 се од стратешко значење за државата. Коридорот 10 веќе е завршен со доведување на ниво на автопат, а моментно се работи  на неколку позиции на рехабилитација на таа делница. Што се однесува до Коридорот 8 има сериозни отстапувања од нивото на автопатската делница на западниот дел од државата и затоа во нашите законски регулативи и процедури треба да се испроектира цела една делница, на пример Тетово – Гостивар па потоа да се влезе во експропријација на терен, па потоа да влезе со одобрение за градба изведувачот со работа за да потоа кога се јавуваат одредени репроектирања.

-Во овој проект е предвидено фазна градба што значи дека таму каде што на одредена делница или локација имаме земјиште на Република Македонија, што е имотно-правно чисто, тогаш таму изведувачот влегува, проектира и веднаш почнува со градба. Додека го гради тој дел или таа делница, таа фаза, продолжува со проектирање, со експропријација на останатите делници и продолжува со градба и на останатите делници од, на пример, секцијата Прилеп – Битола или Тетово – Гостивар. Тоа за нас е важно за да влеземе и брзо да реализираме и градиме.  Факт е дека овој модел не е доволно познат во државата, но и тоа како има примена и во околните земји и покажува добар резултат и прогрес на терен. Токму поради тоа е донесен и Законот пред околу две години, каде што се пропишани процедури на делување и движење се до избор на изведувачот и потоа во останатите фази на реализација. Така што, сметам дека наш стратешки национален врвен интерес е час поскоро да ги изградиме паневропските коридори заради тоа што Македонија веќе нема време за губење, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Тој додава дека предвидено е на сите четири делници, односно Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола да се започнат истрагите, постапките, проектирањето и сите процедури веднаш, додека за делницата Требеништа – Струга – Ќафасан има уште одредени анализи коишто се прават со цел да се презентира планот на идниот проект пред Јавното претпријатие за државни патишта за да се утврди трасата.

Компанијата „Бехтел“, согласно Законот, има обврска да ангажира најмалку 51 процент домашни ресурси, што значи дека овде спаѓаат и човечки ресурси, но и механизација, подизведувачи коишто ќе работат на терен, а 110 километри автопатски делници значат многу во дел на безбедноста во сообраќајот на една земја и ќе можат да се отворат развијат нови економски капацитети во сите региони. Исто така и рамномерниот регионален развој во Битола, во Прилеп, во регионот

Во однос на исплатата, во Законот, кој е објавен веќе две години, а има и Програма за финансирање на патна инфраструктура на Коридор 8 и Коридор 10д, што ја донесе Владата и е исто така објавена во Службен весник, стои дека финансиските ресурси за спроведување на проектот се обезбедуваат од Буџетот на Северна Македонија, преку Министерството за  транспорт и врски, во форма на трансфер до ЈПДП.

Првиот трансфер веќе е исплатен до ЈПДП со висина од 117 милиони евра или во износ од 7,254 милијади денари. Оттаму, проектното одделение коешто е формирано во ЈПДП работи во директен  контакт и комуникација со компанијата „Бехтел“ во реализација на останатите чекори и процедури  согласно Програмата, согласно Договорот и согласно Законот.

Не значи дека цела година ќе има прекувремена работа на коридорите

Прекувремената работа не значи 60 часа неделно, но и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа, тоа ќе зависи од временските услови за работа на терен, односно поинтензивно ќе се работи во месеците на пролет, лето и средина на есен, но не 60 часа неделно, порачуваат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во однос на ангжаманот на работници на изгрдбата на коридорите 8 и 10д.

Како што посочува МТСП, прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа.

МТСП повторува дека ангажманот на работна сила за изградба на Коридорот 8 и Коридирот 10д ќе се реализира согласно постоечкиот закон, односно, согласно Законот за утврдување јавен интерес, со кој се регулира ангажманот на работници и јасно стои обврската, стратешкиот партнер да користи најмалку 51 процент од локални ресурси.

Проектот, според Министерството, има за цел да вработи што е можно повеќе работници од Македонија, кои ќе имаат можност и за обука од страна на изведувачот.

„Ова значи, дека ако нашата земја има доволно локални ресурси, односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51 процент. Законите постојат за да ги штитат граѓаните. Работниците кои ќе бидат ангажирани на овој проект, а согласно потребите во градежништвото извршуваат прекувремена работа, секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценту согласно Законот и колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено, и доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено. Согласно законот, работниците ќе имаат и слободен ден“, наведува МТСП.

Според Министерството, придобивките од неговата изградба се огромни, бидејќи  поврзувањето на земјата со регионот и Европа обезбедува рамномерен регионален развој, раздвижување на економијата на земјата, подобрување на  бизнис климата, пораст на странски инвестиции, побрз трансфер на луѓе и стоки, отворање нови пазари и подобро поврзување со меѓународните и трговски партнери.

Ова значи и обезбедување на нови работни места за нашите граѓани бидејќи трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се нови можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите. Од друга страна тоа се нови даночници и нови приливи во државната буџетска каса“, наведува МТСП.

Повисоки плати за работниците

Со огласот што го објави минатиот месец ЈПДП за вработување работници за изградбата на коридорите се бараат високообразовни кадри од градежништвото, административни работници и возачи. Работниците ќе работат во една смена, 40 часови во неделата, а ќе добиваат основна плата од 29.866 до 70.052 денари зависно од работната позиција.

Најплатена позиција на огласот е помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер, со искуство од најмалку шест години. За оваа позиција е предвидена плата од 70.052 денари со осумчасовно работно време во прва смена. За местото координатор на единицата за техничка изведба на проектот, кандидатот треба да биде градежен инженер и е предвидена плата од 65.029 денари. Координаторот на единицата за подготовка на проектот ќе има месечна нето плата од 60.005 денари, а за оваа позиција потребна е диплома од некој од факултетите за општествени науки. На огласот се бараат и четворица специјалисти за експропријација на имот. За ова место кандидатите треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И тие ќе имаат работно време од 40 часа во неделата, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот за плата од 45.045 денари, како и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари.За плата 30.000 денари се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование. Градежните инженери со искуство од три години може да се пријават за пет работни позиции предвидени во огласот. Специјалист за инвестиции и градба на патишта за плата од 55.037 денари. Оваа плата е наменета и за позициите урбанист, геодет, електроинженер и сообраќаен инженер.

Соња Танеска/gradska.mk