По четири години тешки и сложени преговори помеѓу Лондон и Брисел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел конечно го потпишаа Договорот за трговија и соработка со Обединетото Кралство, што значи дека Британија официјално ќе се раздружи од Европската Унија утре на полноќ, на 1 јануари 2021 година.

– Тоа е фер и балансиран договор, кој целосно ги штити основните интереси на Европската Унија и создава стабилност и предвидливост за граѓаните и компаниите – оцени Мишел.

Во истата пригода, европската страна го потпиша и Договорот за безбедносни постапки при размена и заштита на доверливи информации со Британија, како и Договорот за Атомска енергетска заедница.

По потпишувањето во Брисел, сите три документи, во два примерока беа испратени во Лондон за да ги потпише британскиот премиер Борис Џонсон. По една копија од потпишаните договори ќе се чува во Лондон и во Брисел.

Договорот за трговија и соработка подразбира заеднички стандарди кога станува збор за работничките права, но исто така и многу социјални, еколошки и даночни обврски, како и фер конкуренција во областа на државната помош, јави МИА.

Меѓусебните спорови ќе бидат решавани со арбитражен систем, се воведуваат проверки за стоки што се движат помеѓу Британија и ЕУ, ќе запре безвизното движење на луѓето меѓу двете страни, а професионалните квалификации нема да бидат автоматски признати.

Британија повеќе нема да учествува во Европол или Евроџаст и ќе го изгуби пристапот до Шенгенскиот информативен систем.

Формалното потпишување на договорот со кој се регулираат идните односи меѓу ЕУ и Британија, по преодниот рок кој завршува на 31 декември 2020 година, доаѓа откако 27-те членки на завчера во писмена процедура го одобрија документот договорен на 24 декември.

Поради кратките рокови и неможноста Европскиот парламент да го даде својот глас за Договорот со Британија до крајот на преодниот рок, Европската комисија предложи негова привремена примена до 28 февруари 2021 година. Европскиот парламент треба да гласа за Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Британија на почетокот на 2021 година.

Како последен чекор од страна на ЕУ, Советот на ЕУ мора да усвои одлука за склучување на Договорот.

Британскиот парламент вчера требаше да гласа за Договорот, но мнозинството пратеници веќе најавија дека ќе го поддржат договорениот документ.

Лајен: Време е да го оставиме брегзит зад нас

Највисоките претставници на Европската Унија го поздравија потпишувањето на договорот за регулирање на идните односи со Обединетото Кралство.

– Ова беше долг пат. Сега е време да го оставиме брегзит зад нас. Нашата иднина е создадена во Европа – порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека „сега е време за ново поглавје и нови односи“ меѓу ЕУ и ОК.

Главниот преговарач на ЕУ во разговорите со Лондон, Мишел Барние, им се заблагодари на преговарачките тимови од двете страни, како и на институциите на ЕУ за посветеноста и довербата покажана во последните четири години, колку што траеја разговорите за отцепување и идните односи меѓу ЕУ и Обединетото Кралство.