Акцентот ставен на фит и убаво обликувани тела, совршени лица без брчки е огромен. Постои еден нереален стереотип за тоа како треба да изгледаат жените и девојчињата. Но, кој ги поставува и одредува стандардите?

Жените секогаш биле под притисок на погледите на другите и честопати правеле напори да ги задоволат воспоставените стандарди за женското тело и личност. Уште од раното детство родителите ги учат прво да носат ,,женски“ бои и облека, да играат со кукли, да се шминкаат. Подоцна во тинејџерските години сè треба да биде според широко прифатените традиционални норми, што значи дека поженствените тинејџерки имаат поголема вредност во очите на другите во споредба со девојчињата со помаскулинистички изглед. Според истражувачите Мастер и Џонсон (Master and Johnson) мажите се многу поподложни на визуелното во споредба со жените. И во таа борба за внимание од другите, притисокот врз жените да се вклопат во наметнатите стандарди е голем. Не само врз жените, туку и врз тинејџерките и адолесцентките. Тие се свртуваат кон она што го нуди индустријата за убавина, козметичката хирургија, кон прекумерното вежбање… Акцентот ставен на фит и убаво обликувани тела, совршени лица без брчки, е огромен. Постои еден нереален стереотип за тоа како треба да изгледаат жените и девојчињата. Но, кој ги поставува и одредува стандардите?

Стандардите за убавина постојано се менуваат и се развиваат со текот на времето, културата и трендовите. Социјалното очекување – дека жената треба да се придржува до овие стандарди е неразумно и целосно неоправдано. Дополнително, овие стандарди инвазивно се обидуваат да го дефинираат нашиот обем на женственост, да ги идеализираат физичките карактеристики во контекст на она што се смета за „убаво“ и она што се смета за „женско“. Наоми Волф, во својата книга ,,Митот за убавината“ ја дефинира убавината како ,,валутен систем сличен на економијата, одредена од политиката, како културно наметнат стандард, како конзумеризам, и на крајот како систем на верување што ја одржува машката капиталистичка доминација.“  Убавината не е универзална или непроменлива. Таа се менува зависно од прифатениот стандард во различните национални, расни и етнички култури. Идеален модел на убавина не постои. Идеалното е создадено од капитализмот, конзумеризмот,  хетеросексуалниот машки поглед.

Во секое истражување кое содржи прашања од типот „Што мислиш за твоето тело?“ поставени и на мажи и на жени, и на момчиња и на девојчиња, одговорите откриваат далеку поискривена и инфериорна слика за телото кај жените и девојчињата отколку кај мажите. Американското здружение за естетска пластична хирургија (ASAPS) открива дека Американците потрошиле над 9 милијарди долари на естетска хирургија во 2020 година, што значи дека дури и во време на пандемијата со ковид-19, популарни се естетските хируршки и нехируршки корекции. Но, во желбата да се биде убав и фит, се јавуваат и нарушувања во исхраната. Во минатото најчесто карактеризирани како женски проблеми пред сѐ кај адолесцентките и тинејџерките, но нарушувањата како анорексија, булимија, стануваат и машки проблеми. Медиумите, пред сѐ социјалните, создаваат слики за „добро“ и „лошо“, „позитивно“ и „негативно“ во општеството и имаат огромна улога во промовирање и зајакнување на култот за убавина. Го диктираат начинот на живот, го зајакнуваат моделот на однесување и понекогаш прават потенцијални жртви од жените и мажите кои во голем број го следат и имитираат идентитетот прикажан на различните медиуми. За многумина од нас, нашиот прв инстинкт кога ни е досадно е да прелистуваме низ социјалните мрежи и стануваме подложни на споредба, гледаме слики на жени и мажи кои се прогласени за убави, предизвикувајќи ни чувство на инфериорност и сомневање во самите себе. Многумина од нас ја користат можноста на фотошоп-ефектите за да ги направиме сликите „совршени“  пред да ги прикажеме  во јавноста и дигитално се менуваме создавајќи повторно една поинаква перцепција за тоа што е навистина убаво, здраво и реално. Според доказите од студија која се фокусира на општата употреба на Инстаграм кај младите жени, истражувачите сугерираат дека употребата на Инстаграм е  поврзана со самообјектификацијата на жените и идејата жените да го интернализираат идеалот за убавината. „Фитспирацијата“ („Fitspiration“) на Инстаграм има за цел да го мотивира  гледачот преку слики да посвети внимание на здрава исхрана и вежбање. Иако ова има за цел да промовира здрав начин на живот, повторно се базира на изглед и според студијата, постои една позитивна корелација со гледањето на страниците од младите жени и негативната слика на телото.

Како феминизмот и феминистките се поврзуваат со ова? Шарлин Хесе-Бибер (Sharlene Hese-Biber) изјави дека „додека жените бараа повеќе простор и поголема еднаквост, така општо прифатените стандарди на атрактивноста и убавината бараа тој простој и таа еднаквост да се намалат.“ Според Ким Чернин (Kim Chernin) пак „постои врска помеѓу поставените стандарди за убавината на жените и желбата да се ограничи нивниот развој.“ И покрај тоа што овие мисли се стари речиси 25 години, сѐ уште се важечки и непријатно е да се признае дека, и покрај значителниот напредок во правата на жените, надворешната убавина продолжува да останува доминантна. Да го одвлекува вниманието на општеството од разновидноста на таленти, вредности, квалитети, кои како жени можеме да ги понудиме.

Од друга страна пак, феминистките честопати негативно сe стереотипизираат од страна на поголем дел од јавноста како ,,грди, агресивни, физички и сексуално непривлечни.“ Дали овие атрибути и оваа негативна конотација кон феминистките е само обид да се поткопа нивната порака дека жените не се само предмети, вреднувани исклучиво заради  физичкиот  изглед и истите преку наметнатите стандарди за изгледот и телото сексуално се објектифицираат. Од гледна точка на интерсекцискиот феминизам, важно е прифаќањето на различните идентитети и искуства. Сите немаме фигура на песочен часовник, совршена коса и чиста, бела кожа и не треба да бидеме означени со социјалните стереотипи. Од друга страна ова не значи дека ја игнорираме убавината целосно, туку едноставно признаваме дека секое претерано внимание по извесно време станува токсично. Жените секогаш треба и мора да имаат избор да прават што сакааат со своите лица и тела без да бидат осудувани од средината. Верзијата за убавина на секоја жена е различна и овие разлики треба да се почитуваат. Од висока до ниска, ситна, со облини, бринета или русокоса, со марама или не, со посветол или потемен тен,  убавината е во милиони различни форми.