Хемичарка, жена која никогаш не се откажувала, а цела козметичка индустрија ја дигнала на нозе.

Карминот е најпродаваниот производ на сите линии на декоративна козметика, но му беше потребно прилично долго време за да стане  бестселер. Според некои историски податоци, карминот, секако не во ваква форма која денес ја познаваме, се појавил уште околу 3.500 година п.н.е. Според археолозите, Сумерите ставале некаков вид боја на усните, а сумерската кралица Пу-аба, која владеела околу 2.500 година п.н.е, ги премачкувала усните со некаква смеса добиена од здробени бубачки. Во античкиот Египет и жените и мажите, особено воините, ги премачкувале усните со к`на или алги мешани со јод и бром, со што се добивала виолетова нијанса. Во Европа пак, карминот имаше свои добри и лоши времиња. Уште во Средниот век, кралицата Елизабета Прва (1533-1603) ги нагласувала своите усни со црвеникава боја како контраст на белиот прав со кој го премачкувала лицето. Подоцна во Велика Британија, кралицата Викторија сметала дека е непристојно да се мачкаат усните со боја, а уште подоцна во Франција глумицата Сара Бернар им пркосела на забраните носејќи кармин во црвена боја како крв. За време на Француската револуција премачкувањето на усните водело до џелат бидејќи се сметало дека шминкањето е слика на аристократијата.

Хејзел Бишоп, фото твитер

Експериментите на Хејзел Бишоп

Декоративната козметика за првпат во форма слична на денешната се појавува во 1920 година. Сепак, како творец на карминот што го познаваме се смета Хејзел Бишоп, која го создала првиот долготраен кармин  во 1950 година.

Хејзел Бишоп била родена во Њујорк (1906г.), била хемичарка и работела во нафтена компанија каде што правела важни истражувања за квалитетот на горивото за авиони. Во слободно време експериментирала со создавањето кармин кој нема да се суши, нема да има иритирачко дејство и кој ќе може долго да остане на усните. Овие експрименти ги водела според мотото – кармин отпорен на бакнежи.

фото твитер

Во 1950 година Бишоп основала фирма што го носела нејзиното име за да го претстави својот изум на широката јавност. Изумот веднаш станал популарен, а првата линија лансирана на пазарот се распродала само за еден ден. Карминот отпорен на бакнежи чинел еден долар. Секако, веднаш се појавиле и конкурентни фирми, но Хејзел и понатаму држела дури околу 30 отсто од светскиот пазар!

Во 1954 година, компанијата на Хејзел Бишоп од продажба на кармини остварувала профит од 10 милиони американски долари годишно, и тогаш се случил конфликтот на Хејзел со акционерите, кои всушност го имале поголемиот процент. Контролата врз компанијата таа сосема ја загубила во 1955 година, во судската борба со акционерите. Истата година ја напуштила компанијата со цел да создаде нова под името „Хејзел Бишоп лабораторија“, но поради правни проблеми со нејзините поранешни партнери не ѝ било дозволено да го користи веќе славното име. Сепак, таа била жена која лесно и брзо не се откажува. Во 1962 година станала брокер, а подоцна и финансиски советник на други козметички компании. Во 1978 година повторно ја сменила кариерата и станала професор на Модниот институт за технологија во Њујорк, а две години подоцна доминантната компанија на козметичкиот пазар „Ревлон“ ја ангажирала за директор на маркетинг. Истата таа компанија ѝ била всушност најжесток конкурент во 50-те години! Секако, името на оваа жена останува забележано во историјата на создавањето на модерниот кармин.

Денес во продавниците имаме огромен избор на кармини кои „не се бришат од еден бакнеж“. Патем, едно истражување тврди дека мажот од женските усни во текот на животот „јаде“ по 6 килограми кармин.