Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, ја предупреди Јапонија да не се здружува со САД во спротивставувањето кон Кина, во пресрет на состанокот САД-Јапонија, следната недела во Вашингтон.

Ванг, сношти, во телефонски разговор со својот јапонски колега, Тошимитсу Мотеги, му порача дека нивните две земји треба да обезбедат билатералните односи „да не се мешаат во таканаречената конфронтација на големите земји“, се наведува во соопштението на кинеското МНР.

Ванг, исто така, посочи дека „Кина се надева дека Јапонија, како независна земја, ќе гледа на развојот на Кина на објективен и рационален начин“.

Јапонија, близок сојузник на САД, и земја домаќин на американските поморски и воздушни бази, ја споделува загриженоста на САД за кинескиот напредок и претензии кон териториите во Јужно и Источно кинеското море.

Јапонскиот премиер, Јошихиде Суга, на 16 април ќе се сретне во Вашингтон со американскиот претседател Џо Бајден. Тој ќе биде првиот странски лидер што Бајден го прима на гости во Белата куќа откако ја презеде функцијата, на 20 јануари.

Бајден, за разлика од неговиот претходник Доналд Трамп, го потенцира значењето на обновувањето на односите со европските и азиските сојузници.