Лидерот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, ги повика „огнените“ од ДУИ да се приклучат на опозицискиот фронт што се создава откако тој постигна договор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, за заедничко опозициско дествување. Касами упати јавен повик во кој покрај огнетите, ги повикува и пратениците и членови на Алијанса за Албанците кои, вели, отсекогаш биле за промени во албанскиот политички кампус, да се приклучат на опозицискиот фронт за уривање на ДУИ, пренесува ТВ21.мк

„Како претседател на Движењето Беса му подадов рака на соработка на Африм Гаши, а по конечното раздвојување на фракцијата од ДУИ, ќе им подадам рака и нив за обединувачка соработка. Упатувам коректна и искрена покана до пратеничката група и до сите членови на Алијанса за Албанците со опозициска ориентација да се приклучат на опозицискиот фронт, бидејќи тие секогаш биле за промени во албанскиот политички табор и за уривање на ДУИ.

Го поканувам и целиот опозициски спектар, јавните личности, дијаспората и другите актери на албанското општество да се приклучат на овој фронт за да може гласачот Албанец на следните избори да има правилна адреса за процесот на промени“, вели Касами во јавниот повик и нагласува:

„Направен е првиот чекор кон соработка и обединување. Сите заедно да работиме за победа на следните избори, за победа на Албанците“.