Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го декласираше Данило Медведев во финалето на Индијан Велс со резултат 6:3, 6:2, по само 72 минути игра. Со овој триумф момчето од Мурсија се врати на врвот на АТП листата од која го симна Новак Ѓоковиќ и со тоа ја започна 21. недела на чело на караванот. Ваков епилог од мечот за трофејот на првиот Мастерс сезонава никој не можеше да очекува – и целосен дебакл за Медведев.
Алкараз од самиот старт беше подобриот играч на теренот, го диктираше ритамот, со својата агресивна игра редеше винери, го принудуваше ривалот на грешки. Медведев до овој дуел беше во одлична серија на победи, ги освои Ротердам, Доха и Дубаи, но оваа вечер не личеше на себе.
За Алкараз ова е трета титула на Мастерс турнирите во кариерата, откако лани ги освои Мајами и Мадрид./Makfax/