Двојка во Канада е казнета за прекршување на правилата за полициски час поради пандемијата со коронавирус, откако жената била фатена како го „шета“ сопругот како куче, пишува „Би-Би-Си“.

Жената, наводно, рекла дека само излегла „да го прошета своето куче“ во близина на нивниот дом во градот Шербрук, во провинцијата Квебек.

Во саботата, покраината воведе ноќен полициски час помеѓу 20:00 и 05:00 часот. Шетањето со куче близу до домот е една од единствените прифатливи причини да се биде надвор за време на полицискиот час.

Двојката била забележана од полицијата околу 21:00 часот во саботата, кратко откако на сила стапија новите правила за населението.

pixabay

Тие наводно рекле дека го следат правилото за шетање миленичиња. Изабел Гендрон, претставник од полицискиот оддел во Шербрук, за локалниот весник „Ла Трибун“ изјави дека парот воопшто не соработувал со полицијата.

И двајцата биле казнети со по 1.546 американски долари. Полицијата низ Квебек издала 750 казни за прекршоци за време на првиот викенд со полициски час.

Канада неодамна бележи наплив на нови случаи на коронавирус и повторно ги засили мерките за заштита.