Една од омилените напивки која е неизоставен дел од утринскиот ритуал, е кафето. Поради основната состојка што ја содржи кафето, односно кофеинот и неговото моќно дејство, често подлежи на разни истражувања.
Освен што инстантно ја подигнува енергијата и нè буди, некои истражувања покажуваат дека може да го намали ризикот од срцеви болести и дијабетес, додека исто така може да влијае и врз здравјето на црниот дроб.
Истражувањата покажале дека кафето има хепатопротективен ефект, што значи дека го штити црниот дроб од оштетувања. Пред да дознаете како сè влијае кафето врз црниот дроб, имајте на ум дека тоа се однесува на црното кафе, без никакви додатоци, а сè што ќе додадете во него може да го намали ефектот што го има.
Се верува дека кафето може да штити од фиброза на црниот дроб
Фиброзата на црниот дроб претставува сериозен здравствен проблем, кој се појавува како последица на насобирање оштетено ткиво на црниот дроб. Со текот на времето тоа почнува да влијае врз функцијата на црниот дроб, но во раните фази, фиброзата може да се спречи со промена на животните навики и примена на соодветни лекови.
Едно истражување во Журнал за хепатологија, утврдило дека редовното консумирање кафе (и чај) помага во намалувањето на ризикот од фиброза на црниот дроб. Еден од начините да се тестира фиброзата е со мерење на цврстината на црниот дроб, а ова истражување покажало дека овој орган е помек кај оние што пијат кафе.
Кафето добро дејствува на ензимите
Во црниот дроб има ензими што забрзуваат одредени процеси во телото, како што е разложување и исфрлање токсини, производство на жолчка и слично. Ако телото произведува премногу ензими, тие може да стигнат до крвотокот, што може да биде знак за оштетување или болест на црниот дроб. Истражувањата покажале дека консумирањето кафе може да ја намали концентрацијата на ензими во црниот дроб, со тоа намалувајќи го и ризикот од болести и оштетувања на тој орган.
Внимателно со количината
Освен тоа што може позитивно да влијае врз организмот, кафето исто така може да биде и штетно доколку претераме со консумацијата. Исто така, луѓето кои имаат посериозни здравствени проблеми најдобро е да се посоветуваат со својот лекар за консумацијата на кафе.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.