Израелски фармацевт случајно примил четири дози од вакцина против коронавирус на Фајзер, но вели дека се чувствува добро. Удај Азизи за ТВ Канал 12 изјави дека неколку часа откако бил вакциниран и кога била забележана грешката, тој бил испратен во болница на испитување и набудување.
Се чини дека лицето кое му ја дало вакцината не разбрало дека секое шише вакцина Фајзер содржи неколку дози, обично пет. Фармацевтот вели дека досега почувствувал само благи несакани ефекти, болка околу местото на инјектирање и дека забележал црвенило, пренесоа израелските медиуми.
Тој не се вознемирил кога му кажале дека по грешка примил четири дози од вакцината одеднаш и изјави дека најверојатно ќе треба да прими друга доза за три недели.
Масовната вакцинација започна во Израел во неделата и вакцинирани се првите здравствени работници, а во понеделникот лица постари од 60 години. Министерот за здравство Јули Еделштајн изјави дека за два дена биле вакцинирани 30.000 лица.
Бројот на заразени повторно нагло расте во Израел, каде утрово беше објавено дека за 24 часа се регистрирани 3.594 нови случаи на инфекција, што е највисока бројка за неколку месеци.